Фото: Архива на Мета

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција побарало продолжување на притворот за бизнисменот Орце Камчев во предметот „Плацовите на Водно“, потврдуваат од Обвинителството за „360 степени“.

Обвинителката Лиле Стефанова го поднела предлогот во петокот, а првичниот притвор му истекува за два дена.

Камчев заврши во притвор на 14 март откако Агенцијата за национална безбедност (АНБ) достави белешка до Обвинителството дека се подготвува за бегство.

Адвокатот на Камчев, Тони Менкиновски, денеска на прес-конференција информираше дека одбраната поведува постапка пред Основниот кривичен суд во Скопје за утврдување на незаконитоста на белешката.

„АНБ постапила надвор од своите законски овластувања предвидени во Законот за Агенцијата за национална безбедност, овластувања што се однесуваат на дела како шпионажа, тероризам и негово финансирање, насилен екстремизам и други активности поврзани со безбедносни закани и ризици за националната безбедност. Оттука останува нејасно како господинот Камчев ја загрозува националната безбедност на државата и претставува закана за да биде следен од 12 февруари до 14 март 2021, како и да биде изготвена службена белешка“, рече Менкиновски.

Според него, АНБ ако имала какви било сознанија за бегство, требало да го извести Бирото за јавна безбедност (БЈБ) при МВР, а не обвинителката Стефанива, а потоа, сБЈБ е тоа што треало да ја извести обвинителката.

Одбраната исто така тврди дека АНБ немала судска наредба да го следи Камчев.

Покрај постапката за незаконитоста на белешката, адвокатите на Камчев ќе поднесат и претставка до Судскиот совет за несовесно и нестручно работење на судијата по претходна постапка.