Обвинителката Ленче Ристоска денеска изјави дека поднела тужба против ВМРО-ДПМНЕ, како и дека ги користи сите институционални механизми кои и се на располагање, бидејќи како што рече, е недозволиво било кое обвинето лице да врши притисок врз јавен обвинител, особено од позиција на моќ.

„Поднесов тужба за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Поднесов и известување за премиерот Мицкоски, како што е јавно објавено, до Советот на јавни обвинители како институција која е задолжена за заштита на самостојноста на јавните обвинители“, рече Ристоска, која бара јавно извинување од премиерот Мицкоски поради навреди и дисквалификации.

Советот на јавни обвинители информираше дека ќе ја разгледува иницијативата како и дека е формирана комисија за известувањето на Ристоска понесено поради изјава на Мицкоски во која обвинителката вели дека премиерот ја нарекува медиокритет со клиентелистичко-политичка матрица.