fbpx

Обвинетите во „Диво насеље“ в петок ќе дадат искази пред судот

-

Во големата сала на Врховниот суд денеска продолжи судењето против 37 обвинети за настаните во Диво насеље, во Куманово од 9 и 10 мај 2015 година. По рочиштата, кои неколку месеци се одвиваа зад затворени врати, поради сослушување на заштитетни сведоци на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција и докази од посебни истражни мерки, денеска судењето повторно беше отворено за јавноста, односно беше дозволено присуство на новинарите.

На денешното рочиште сведочеа седуммина сведоци на одбраната кои зборуваа за тоа дали пред критичниот викенд, 9 и 10 мај 2015 година забележале нешто невообичаено.

На следното рочиштe, кое е закажано за в петок, искази треба да дадат 37-мината обвинети.

– Ниту еден од обвинетите не беше испрашан во обвинителската истрага бидејќи на ниту еден од нив не му беше дадено правото за увид во доказите. Потоа ни беше дозволено од страна на судскиот совет увид во доказите, но условите не ни дозволуваа многу увид бидејќи обвинетите се во затворите во Битола и во Прилеп и не беа во можност да дадат исказ. Тоа право ќе го искористиме сега во доказната постапка како испитување на обвинет – изјави денеска адвокатот на дел од обвинетите, Насер Рауфи.

Тој додаде дека во зависност од нивните искази, одбраната ќе предложи нови сведоци во текот на доказната постапка, односно, како што рече Рауфи, ќе бидат повикани лица кои ќе бидат споменати од обвинетите.

Во настаните во Куманово животите ги загубија осум припадници на специјалните полициски единици, а 37 беа ранети, додека во борбите со полицијата беа убиени 10 членови на вооружената група.

Судскиот процес за случајот „Диво Насеље“ почна во февруари 2016 година. На почетокот на јуни, целиот процес почна одново откако Обвинителството со овој случај го спои и предметот „Молња“, во кој осум лица се обвинети дека обезбедувале логистичка поддршка за кумановската група.

Обвинетите во случајот се товарат за тероризам и за терористичка организација.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...