fbpx

Обвинети во „Диво насеље“: И малите деца знаат дека не сме терористи

-

„Дури и малите деца знаат дека не сме терористи и дека не дојдовме во Куманово да војуваме. Бевме искористени за политички цели и не сме ниту први, ниту последни што сме искористени за тоа“, рече Насуф Бекири, еден од обвинитите во случајот „Диво Насеље“ на денешното продолжение на судскиот процес.

Бекири, како дополнување на воведните зборови на неговиот адвокат Мефај Арслани, рече дека бара овој случај да биде расветлен од Европската унија и од САД.

– Се сеќавам на тоа што ни го кажаа Бег Ризај и Мирсад Ндрецај дека во Куманово ќе бидеме само фигури и ако дојде полицијата, да пукаме во воздух. Знаат сите, знаеме и ние, дека сме употребени за политички цели и нема да признаеме никаква вина – рече Бекири.

Обвинетиот Руфки Догани, чија адвокат е Мефај Арслани, додаде дека Бег Ризај и Мирсад Ндрецај и некои други се предале на полицијата и дека не се убиени во „Диво Насеље“. Тој не го доврши исказот бидејќи, според судот, тоа ќе го каже во доказната постапка во судскиот процес.

Обвинетиот Валдеј Зекај, како дополнување, кратко изјави дека се употребува зборот „тероризам“ за да се прикрие вистината.

Безмалку сите адвокати што денеска даваа воведни зборови рекоа дека ниту тие, ниту обвинетите ја прифаќаат квалификацијата на кривичните дела тероризам и терористичка организација и дека во понатамошниот тек на судењето ќе го докажат тоа преку искази на сведоци и врз основа на доказите прибрани од обвинителството во текот на истрагата.

Љупчо Веселиновски, адвокатот на обвинетиот Фабиј Фејзулаху, посочи на фактот дека според обвинителниот акт, групата влегла во Диво Насеље меѓу 2 и 3 мај 2015 година, што, според него, е нелогично бидејќи тој ден во Куманово се одржуваше конгрес на една политичка партија.

– Јас го споменав тој момент наведен во обвинителниот акт, кој е многу симптоматичен. Во него се вели дека на 3 мај, три непознати лица, со возила од селото Отља, ги пренеле членовите на групата на улицата Перо Илиевски, во Дио Насеље. Ова е многу симптоматично и нелогично бидејќи тој ден, градот Куманово беше под силно полициско обезбедување и контрола поради конгресот на една политичка партија и едноставно е несфатливо како можело да се случи тоа – рече Веселиновски.

Тој во изјава за медиумите рече дека обвинетите се убедени дека зад целиот случај има друга заднина и во судскиот процес ќе го докажат тоа.

Адвокатот Еленко Миланов, бранител на обвинетиот Беким Каваши, во воведните зборови, меѓу другото, рече дека настаните опишани во обвинителниот акт не можат да се третираат како тероризам бидејќи според научната и правна теорија, тероризмот претпоставува постоење на политички цели, насилство над институции и над граѓани за предизвикување страв и терор, што во случајот не постои.

Според обвинителниот акт, а конкретно за случајот во караулата Гошинце, според Миланов, повеќе би се работело за „хуман тероризам“, кој, како што рече адвокатот, не постои, бидејќи термините „хуман“ и „тероризам“ не можат да одат заедно.

Како што рече Миланов, но и другите адвокати, на обвинетите може да им се стават на товар 30-40 други кривични дела, но не и тероризам и терористичка организација.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...