Обвинителен акт за 11 лица, меѓу кои предничи поранешниот градоначалник на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, поднел обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО-ГОКК) во Основен кривичен суд Скопје. Како што соопшти обвинителството, кое не именуваше за кој градоначалник станува збор, но сепак од изнесените факти се гледа дека е Јакимовски, тој и другите обвинети направиле злоупотреби во повеќе наврати.

Имено, од 2011 до 2017 година, Јакимовски како градоначалник во неколку случаи ја злоупотребил службената положба и овластување во постапки за јавна набавка и при легализација на времени објекти од деловен карактер и приватизација на градежно земјиште сопственост на Република Македонија.

Се товари дека во 2012 потпишал договор со фирма иако таа немала доставено банкарска гаранција за квалитетно работење, а по еден месец го раскинал договорот, но фирмата сепак зела 303.300 денари (4.930 евра).

Следната работа за која се товари Јакимовски е дека во следната година со склучен договор, ја оштетил општината за 14,61 милиони денари (237.550 евра). Според ОЈО-ГОКК, откако бил склучен договор, Јакимовски како градоначалник му давал усни инструкции за дополнителни работи, за кои потоа било наплатено повеќе. Притоа, без одобрение за градење е граден објект на општината, а дури во 2016 како градоначалник Јакимовски поднел Барање за легализација.

Дополнително, обвинителството го товари поранешниот градоначалник на општина Карпош уште еден раководител во општината од 2011 до 2017 легализирале деловни објекти што не смеело да се легализираат. Во тие постапки на две фирми им овозможиле да купат земјиште под такви објекти по цена од само 438 денари за квадратен метар, иако ценовникот на Град Скопје предвидувал цена од 18.000 денари за квадрат. Една од тие фирми по само 20-тина дена земјиштето од 1.533 квадратни метри купено за 671.450 денари (10.920 евра) го продала за 40,53 милиони денари (660.000 евра).

Останатите, во кои се и тројца членови на Комисија за јавни набавки во општината, се товарат за разни злоупотреби на службената положба во овие и други слични малверзации. Обвиненија има и за одговорни лица во две од фирмите.