Обучени 14 наставници што ќе предаваат Сеопфатно сексуално образование

Фото: Max Fischer from Pexels

Од претстојниот септември, во образовниот систем влегува нов наставен предмет Сеопфатно сексуално образование. Предметот, кој всушност станува дел од основното образование, се воведува во деветто одделение. Оваа новина предизвика низа реакции во јавноста, а се ширеа и лажни вести со цел јавноста да се заплаши и доведе во заблуда. Дилемите и нејасностиите ги разјаснија одговорните во Бирото за развој на образованието (БРО), од каде што најавија дека предметот сексуално образование ќе биде изборен, односно со доброволно учество на учениците врз основа на претходно спроведена анкета и со потврдена согласност од страна на нивните родители.

Всушност, се работи за пилот-прoект кој ќе опфати четири училишта, „Јан Амос Коменски“ во Карпош, „Кузман Шапкарев“ во Кисела Вода, „Лирија“ во Чаир и „Братство Мигени“ во Тетово.

– Ќе се направи евалуација на резултатите и соодветно интегрирање на ова образование во наставните курикулуми. Изборот на училиштата е заедничка одлука на имплементаторите на пилот програмата. Се внимаваше училиштата да бидат – првото од рурална средина, второто централно градско подрачје на македонски наставен јазик, третото од централно градско подрачје на албански јазик и едно каде има и македонски и албански наставен јазик. Во подготвителниот период за имплементација на пилот проектот, изготвена е наставна програма за Сеопфатно сексуално образование за 9.одделение и Прирачник за наставници – велат во БРО.

Оттаму појаснуваат дека за да можат наставниците (вкупно 14) да го предаваат предметот, односно да ја реализираат наставната програма од 36 наставни часа, спроведени се обуки за стекнување на знаења и вештини за сите теми поврзани со сеопфатно сексуално образование, согласно последните препораки на УНЕСКО за возраст од 12 до 15 години, односно род и пол, сексуално и репродуктивно здравје и ХИВ, сексуалност, насилство, граѓански аспекти и дискриминација, тело и слика за телото, и врски и односи.

Во процесот на воведување на сеопфатно сексуално образование, освен Бирото, вклучена е граѓанската организација ХЕРА, како и меѓународни организации – УНЕСКО, УНДП, СЗО и УНФПА.

Од граѓанската организација ХЕРА велат дека воведувањето на сексуалното образование во училиштата зборува дека државата е одговорна и грижлива кон својата младина и преку системски решенија ги образува и штити од лоши искуства.

– За жал, голем дел од младите ја немаат таа привилегија да имаат и да бидат во семејства кои можат да им ги одговорат сите прашања кои ги мачат, да имаат ист пристап до податоци како нивните врсници, да живеат во средина која не ги осудува и која ги разбира. Само преку институционални решенија и еднаков пристап до информации за сите млади можеме да им гарантираме еднаков и фер третман на сите нив независно од нивниот социјален статус, нивната расна, етничка припадност итн. Секој млад човек заслужува иста шанса, а понатаму како растат, сами треба да си го одберат патот. Сигурна сум дека државата им должи еднаков и квалитетен старт на сите, а тоа може да го направи исклучиво преку образованието – вели Мери Цветковска, проектна координаторка.

Како што тврди таа, ставовите на наставниците покажуваат дека во основните училишта во нашата земја постои генерално позитивно расположение и потреба за воведување формална настава за сексуално образование.

– На прашањето, Кое е значењето од давањето согласност при сексуален однос, особено првиот, 89 отсто од наставниците одговараат афирмативно, па така нема значителна разлика во ставовите помеѓу родителите и наставниците, што значи сите сметаат дека ова е важно да се изучува. Додека чекаме да го видиме сексуалното образование во нашите училишта, секој поминат ден е ризик за младите. Минатата година во младинскиот центар на ХЕРА во Шуто Оризари беа регистрирани 24 малолетни девојки кои останале бремени. Младите постојано наоѓаат алтернативни решенија за да се информираат, а во сајбер просторот тоа многу често значи опасност и погрешни информации. ХЕРА активно работи на неформалната едукација и постојано се обидуваме да помогнеме и да едуцираме што поголем број млади, но за жал не можеме да им помогнеме на сите до еден, како што тоа може да го направи државата преку своите механизми и образовни институции – потенцира Цветковска.