Образованието во 2021 година: нова концепција за основците, протести на средношколците

Фото: Мета.мк

Новата концепција, заедно со најавата за воведување електронски учебници и сеопфатно сексуално образование, проследени со низа дезинформации, лажни вести, но и протести на родителите, ги одбележаа случувањата во основното образование изминатата 2021 година. Протестираа и средношколците, а тие бараа промена во моделот на полагање државна матура и враќање во училишните клупи, наместо неквалитетна онлајн настава, што веќе од септември и се случи.

Крајот на годината пак, донесе и крај на водењето на ресорот образование од страна на министерката Мила Царовска, која на оваа позиција дојде во август 2020 година.

„Мета.мк“ потсетува на најважните случувања и настани во основното и средното образование изминатата 2021 година:

1. Нова концепција за основно образование

На почетокот на годината актуелна беше темата со новата концепција за основно образование, која предвидуваше неколку промени за учениците од прво до деветто одделение.

Новата концепција предизвика реакции во јавноста, кои на почетокот се однесуваа на спојувањето на повеќе предмети во еден интегриран предмет. Министерката Царовска тогаш рече дека стравот од интеграцијата на предметите бил политички злоупотребен во даден момент, но дека потоа се намалил. Во неколку наврати повтори дека образованието мора да претрпи промени, на што укажуваат и домашните и меѓународните тестирања, но и родителите и наставниците кои ги предложиле овие концептуални промени.

Негодувањата на родителите ги смируваа и Министерството за образование (МОН) и Бирото за развој на образованието (БРО), од каде рекоа дека нема да дозволат учениците да не се стекнат со знаења од историја, географија или содржини од друга научна дисциплина, но дека изучувањето ќе биде на начин прилагоден на нивната возраст.

Откако беше отворен повикот за испраќање предлози и сугестии, новата концепција за основно образование беше усвоена во март минатата година.

Концепцијата за основно образование во фокусот ги става учениците и нивното право на квалитетно образование. Таа е во најдобар интерес на децата и во насока на создавање едуцирани и одговорни граѓани, воспитувани во духот на граѓанските и демократските вредности на општеството што е и основен постулат на Конвенцијата за правата на децата на ООН, рекоа тогаш од Владата на Република Северна Македонија.

По предлог на БРО, МОН ги донесе и новите наставни програми по кои првачињата веќе учат и според кои, за секоја тема од наставните програми се предвидени резултати што секој ученик треба да ги постигне, а наставникот да ги следи и вреднува тие постигнувања на ученикот преку дадените стандарди за оценување.

Од оваа учебна година, освен директно во училиштата, родителите своите деца во прво одделение можат да ги запишуваат и електронски.

2. Воведување на електронски учебници во наставата

фото: freestocks на Unsplash

По новата концепција за основно образование следуваше и новиот Предлог-закон за учебници кој предвидуваше комбиниран модел на примена на печатени и електронски учебници. Родителите негодуваа, а и оваа најава на МОН предизвика лавина од дезинформации и лажни вести кои се ширеа од повеќе страни.

Министерството и овој пат смируваше дека секој од родителите што смета дека неговото дете нема да може да учи електронски, ќе може да го испечати учебникот и да нема никаков проблем. Согласно измените, за учениците од четврто и погорните одделенија прва опција требаше да бидат дигиталните учебници, додека учениците од прво до трето одделение и натаму ќе учеа од печатени учебници. Лектирите и понатаму ќе беа достапни само во печатена форма.

Беспредметно е луѓето да се делат за и против дигитализација, кога целиот свет се дигитализира, рече министерката Царовска.

„Учениците на таа возраст имаат потреба од современи алатки, кои за период од 20 години ќе им бидат потребни за да можат да се справуваат со предизвиците со кои тогаш ќе живеат“, рече Царовска.

Помеѓу дезинформациите кои МОН ги демантираше беше и онаа дека дигитализацијата има за цел да ја замени наставата на училиште со онлајн учење.

Родителите од иницијативата и Фејсбук групата „Учебници и настава мора да има“ повикаа на бојкот на наставата во основните и средните училишта, а одржаа и средба со МОН на која побараа задолжителна употреба на хартиени учебници во образованието, исклучување на родово-сензитивното образовани, но и да не се спојуваат два или повеќе предмети во еден.

„Новините се предизвик за сите, но од нив не треба да се откажуваме, туку напротив заедно и транспарентно да продолжиме да работиме на креирање на најдобрите решенија кои ќе треба да се интегрираат во системот“, рекоа од МОН по средбата.

Но, во целата гужва околу пандемијата и најавената дигитализација, гласот на младите, оние кои најдиректно се вклучени во образвониот процес, се чини, најмалку се слушаше.

Кратката анкета што ја спроведе новинската агенција „Мета.мк“ на Инстаграм покажа дека 63 отсто од младите испитаници би прифатиле воведување на дигитални учебници во основните и средните училишта во државата, доколку одлуката за тоа од каков учебник (дигитален или отпечатен) ќе учат, остане на самите ученици и нивните родители. Спротивно од ова, 37 проценти не би го прифатиле воведувањето на дигитални учебници ниту под овие околности. На прашањето дали би прифатиле целосно укинување на хартиените учебници и нивна замена со дигитални учебници, пак, негативно одговориле дури 90 отсто од испитаниците.

МОН неколкупати повтори дека целта на реформите е да се обезбеди образование по светски стандарди. Родителите излегоа дури и на протест, а поднесоа и иницијатива за распишување на референдум во врска со дигитализацијата на учебниците.

По ова, Владата го повлече предлог-законот за учебници и други наставни и дидактични материјали во основно и средно образование, а од МОН појаснија дека ова законско решение повторно ќе биде достапно за јавна дискусија.

3. Сеопфатно сексуално образование

Најавата за воведување на Сеопфатно сексуално образование како изборен предмет во деветто одделение, согласно најавените реформи, претставуваше нова главоболка за родителите кои беа скептични околу наставната програма, но и за Министерството за образование и наука кое повторно имаше полни раце работа – да им го објасни концептот на ССО на родителите и на јавноста, но и да се справи со новите лажни вести кои овој пат се ширеа пожестоко, и на моменти, одеа во крајности.

Лажните вести доведоа до критики и противења од група родители, кои повторно протестираа. Предметот, сепак, не е задолжителен, односно учениците од деветто одделение можат да изберат дали сакаат да со слушаат или не.

„Предметот сексуално образование, предложен од Министерството за образование и наука, е пред сè пилот програма, која ќе се реализира во текот на годината. Она што се предвидува во оваа пилот програма се во суштина теми за пол, репродуктивно и сексуално здравје, ХИВ, дискриминација, како и граѓанските аспекти, врски и односи, сексуално насилство, тело и односите со телото“, појаснија од МОН.

За овој предмет пред почетокот на учебната 2021/2022 година беа обучени 14 наставници. Во процесот на воведување на сеопфатно сексуално образование, освен БРО, вклучена е и граѓанската организација ХЕРА, како и меѓународните организации УНЕСКО, УНДП, СЗО и УНФПА.

4. Инклузивно образование

На научниот собир на тема „Воспитувањето и образованието на децата со посебни потреби – можности, програми и перспективи“ кој го организираше Институтот за наука, алтернатива, култура и уметност од Скопје, пак, беше истакнато дека за подобрување на инклузивното образование се потребни обуки на наставниците со практична и теоретска настава, поголема вклученост на дефектолозите и другите стручни лица како образовните асистенти и задолжителна едукација на факултетите за идни наставници и професори. Наставниците истакнаа дека иако децата со нетипичен развој треба да се вклучени во редовното образование, многумина од нив се оставени само на наставникот или пак родителите се принудени приватно да обезбедат и платат асистент.

Од годинава за првпат системски се воведе услугата образовна асистенција која ќе се финансира од државниот буџет, за што се обезбедени финансиски средства во висина од 59 милиони денари.

Инаку, од тековната учебна година за првпат сите учебници станаа достапни и во аудио формат и на Брајово писмо за потребите на учениците со оштетен вид.

5. Протести на средношколците за државната матура

Бленди Ходаи, поранешен претседател на Сојузот на средношколци / Фото: Влада на РСМ

Средношколците второто полугодие и новата година ги започнаа со протести и бојкот на наставата. Тие, меѓу другото, бараа измени во одржувањето на државната матурата. Бараа да полагаат два наместо четири предмети. Како дел од причините за овие барања, од Сојузот на средношколците го посочија тоа што предавањата во претходната учебна година не биле подеднакво ефикасни и квалитетни како порано. Подоцна тврдеа и дека немаат доволно време да се подготват за полагањата, затоа што времето на државната матура наближуваше. Тие своите барања ги упатија и до Собранието, а се сретнаа и со премиерот Зоран Заев.

На крај матурантите имаа можност да бираат помеѓу две опции– да полагаат два екстерни испита, додека за двата итнерни да се изведе средна оценка од четирите години, или пак да полагаат четири предмети по скратени програми. Матурантите на крај се одлучија за втората опција и се полагаше по скратена програма и променета методологија што беше најавена од МОН уште на почетокот на претходната учебна година.

Инаку, вкупниот среден успех кој го постигнале матурантите на полагањето државна матура минатата година беше 3,61. Во 2019 година тој изнесувал 3,48, односно евидентно е подобрување и покрај отежнатите услови за настава заради ковид-пандемијата. Оценувачите на тестовите евидентирале измами од страна на матурантите, па учениците препишувале делови или цели текстови, најмногу по предметот англиски јазик.

6. Незаконско барање пари за свидетелства

Во периодот на делење на свидетелствата на учениците, Сојузот на средношколци, овој пат предводен од новоизбраниот лидер Лука Павиќевиќ, обвини дека повторно има случаи кога училишта им наплаќале на учениците за свидетелства. Така, средното медицинско училиште во Тетово наплаќало меѓу 150 и 200 денари за свидетелство, додека средното економско училиште во овој град барало износи од 150 денари за издавање на свидетелство и диплома за крај на средното образование. Во „Мирче Ацев“ во Прилеп пак, свидетелствата ги чинеле учениците 30 денари.

За време на онлајн наставата, која доминираше минатата учебна година, 62 отсто од наставниците наставата од својот дом ја изведувале со сопствен компјутер, а со ваков предизвик се соочиле и самите ученици, покажа анализата од истражувањето на Здружението ЛЕАД и Фондацијата Конрад Аденауер.  Инаку, учениците спроведувањето на онлајн наставата го оценија со тројка, покажа истражувањето на Младинскиот образовен форум (МОФ).

Наставниците, пак, за време на распустот побараа зголемување на платите, а доколку не добијат, се заканија со бојкот на наставата.

7. Враќање во училишните клупи и зголемени стипендии за учениците

Фото: Мета.мк

Наставата во тековната учебна година, пак, започна со физичко присуство и со мерки на претпазливост во училиштата, откако вака одлучија надлежните.

Од оваа учебна година  за учениците од прва година во средните стручни училишта беше воведен и концептот на дуално образование кој се спроведува во соработка со над 200 компании.

МОН го зголеми и износот на ученичките стипендии кои сега изнесуваат 3.500 денари месечно, а воведе и нови категории на стипендии, како оние за учениците кои ќе се запишат во дуални паралелки или пак во дефицитарните струки.

Средношколците годинава заклучија и дека се неопходни реформи на моделот на ученичките заедници и нов модел на ученичко организирање што ќе може да се имплементира подеднакво во сите училишта низ земјава, за да можат ученичките заедници да бидат вистинскиот глас на младите и нивните потреби, а претседателите на овие тела да се избираат од страна на сите средношколци во училиштата.

Пандемијата на ковид-19 сериозно се одрази и на менталното здравје на младите. Иако на почетокот изгледаше безопасен преодот кон учење од дома, сепак долгото време на несоцијализација, си го зема данокот. Неколку месеци по почетокот на учебната година со физичко присуство, Мета.мк разговараше со училишни психолози на оваа тема. Тие велат дека враќањето назад во училиште довело до појава на два екстрема – на едни ученици им годи, а други пак, се во постојан стрес.

Фото: Tim Gouw на Unsplash

Психолозите препорачаа родителите и наставниците да го намалат притисокот и очекувањата од децата, со цел да се сочува нивното ментално здравје.

Новата 2022 година ќе донесе нови промени во основното и средното образование. На почетокот од новата година треба да биде избрана и новата личност која ќе го раководи овој ресор, откако актуелната министерка Мила Царовска најави дека нема да биде дел од новиот владин состав.

Од идната учебна година, државната матура ќе се полага по нов концепт. Клучната промена е во тоа што од учебната 2022/2023, учениците во завршните години ќе имаат различни матури, односно матурата во гимназија нема да биде иста со онаа во средно стручно училиште.

Во однос на воведувањето и користењето на нови технологии во образованието, тука е и најавата дека средношколците од пет средни стручни училишта за првпат ќе ја користат технологијата на виртуелна реалност (VR) во наставата. Тие ќе можат да се транспортираат во дигитален фабрички погон и да стекнуваат вештини за заштита при работа, движење во простории каде има опасен напон, работа со алати и инструменти, идентификување дефекти во електропростор и нивно отстранување преку апликација за виртуелна реалност во наставата.