Фото: Арбнора Мемети

И покрај тоа што лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се согласни околу набавката на апарати за отпечаток на прст за претстојните локални избори, Државната изборна комисија (ДИК) и стручните лица повоздржано реагираа во однос на предусловите што треба да се исполнат пред воопшто да се воведе обработката на отпечатоци од прсти на изборите.

Од ДИК вчера во изјава за неколку медиуми излегоа со став дека два члена од Изборниот законик се пречка за да се започне набавката на терминалите и спроведувањето на земањето отпечатоци од прсти на изборите што ќе се одржат наесен. Министерството за внатрешни работи (МВР) е единствено во земјава кое располага со базата на отпечатоци од прст, но нема законско овластување да ѝ даде вакви податоци на ДИК, која потоа би ги внела во електронските изводи на Избирачкиот список. Без правно решение, велат од ДИК, не може да почне тендерската процедура.

Токму на оваа тема, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера се сретна со претседателот на ДИК, Александар Даштевски. Од страна на претставниците на ДИК била побарана поддршка од МВР за достапност на овие лични податоци на граѓаните кои ќе учествуваат во изборниот процес. Министерот Спасовски пак ја потенцирал потребата од формирање заедничка работна група, која ќе ги реши сите дилеми и разлики во текот на постапката, но и нужноста од генерална стратегија за сајбер безбедност. И двајцата се согласиле дека за потребата од законски измени со кои би се утврдил начинот на користење на отпечатокот од прст во текот на изборниот процес.

Елена Стојановска, аналитичарка од областа на заштита на личните податоци од Фондацијата Метаморфозис смета дека измените на Изборниот законик во правец на воведување на обработката на отпечатоци од прст не треба да бидат брзо решение за обезбедување на правен основ за замисленото.

Елена Стојановска
Елена Стојановска, Фондација Метаморфозис

„Процесот треба да започне со анализа на можните ризици по приватноста на граѓаните од користењето на отпечатокот од прст како начин на идентификација“, вели таа и дополнува дека јасно и конкретно треба да биде уредено која институција ќе ги собира податоците, кој ќе има пристап до нив и кои мерки ќе бидат преземени за заштита од неовластено откривање, губење или друг начин на злоупотреба.

Откако ќе се направи ваква анализа, сето ова треба да биде поднесено на одобрение од страна на Агенцијата за заштита на личните податоци, па доколку тие ја дозволат обработката на податоците, дури потоа да се предлагаат измени на Изборниот законик.

„Предлог измените во Изборниот законик исто така треба да бидат предмет на анализа и одобрение од страна на Агенцијата за заштита на личните податоци. Набавката на уреди не смее да почне пред да биде завршен процесот објаснет погоре бидејќи самата технологија која ќе се користи треба да биде во склад со мерките на заштита, односно, правните и техничките апсекти треба да бидат усогласени“, вели аналитичарката Елена Стојановска.

Таа појаснува дека користењето на системи за масовно собирање на отпечатоци од прсти за цели на спроведување на изборниот процес е операција за обработка на лични биометриски податоци која не е предвидена со закон, па оттука и нејзиното евентуално спроведување е проблематично. Законот за заштита на личните податоци, освен законски утврдената цел, предвидува дека обработка на личните податоци може да се врши и заради легитимни интереси сè додека тие не преовладуваат над интересите на лицата на кои се однесува.

„Општата регулатива за заштита на личните податоци (GDPR – General Data Protection Regulation) и Законот за заштита на личните податоци се строги во поглед на обработката на биометриски лични податоци и бараат посебни анализи за оправданоста на користењето на овие системи врз основа на кои се оценува дали таквата обработка воопшто ќе биде дозволена“, потенцира таа.

Инаку, вчера претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски побара од Владата да ги набави ваквите терминали. Тој тврди дека во октомври минатата година, претходниот претседател на Државната изборна комисија (ДИК) до министерот за финансии побарал средства за набавка на терминалите, но не добил одговор. Истото повторно го побарал и новиот претседател на ДИК и добил одговор дека парите ќе бидат обезбедени со ребалансот.

„Ние апелираме веќе еден месец да се отпочне таа процедура, која што е законско решение, во членот 108-а многу јасно стои дека на следните локални избори гласањето мора да биде со помош на овие терминали за отчитување на отисок од прст или познати во јавноста како фингерпринт терминали“, изјави Мицкоски.

И премиерот Зоран Заев вчера апелираше за истото, но тој спомена дека ДИК е таа што треба побрзо да ги набави апаратите за отпечаток од прсти. И Заев потврди дека овие терминали се предвидени во законот, а обезбедени се и финансиски средства за ова.

„Ќе направиме сè да набавиме. Министерот за финансии реагираше конкретно, пари има, ако дофалат имаме ребаланс. Дадовме и писмено од страна на Министерството на финансии за да можат претседателот на ДИК и цела ДИК веднаш да влезат во постапка на набавка на апаратите за отпечаток на прст“, изјави премиерот Зоран Заев.

Премиерот вчера изјави дека МВР е подготвено да ја сподели базата со ДИК и тој смета дека нема пречки за да се реализира ова.