Објавени списоците со студентите примени во студентските домови

Извор на фотографија: Влада на РСМ

Објавени се списоците со примени студенти од втора и повисоките години на студии во студентските домови, а аплицирањето за бруцошите започнува од понеделник, соопшти Министерството за образование и наука (МОН). Тие може да се видат на следниот линк.

Студентите кои се наоѓаат на објавените листи можат да се вселат во студентските домови по потпишување на договор со домот во кој се примени. Договорот е потребно да го потпишат најдоцна во рок од 10 дена од објавата на резултатите. Приговорите се доставуваа до МОН, на адреса „ул. Св. Кирил и Методиј“ бр. 54, Скопје, заклучно со 10 септември.

Аплицирањето за студентите од прва година на студии започнува на 6 септември и трае до 24 септември. За бруцошите се предвидени 1.249 места во студентските домови.

Условите, критериумите и потребните документи за остварување на правото на сместување во студентски дом се наведени во конкурсот кој е објавен на следниот линк.

Студентите кои ги исполнуваат условите пополнуваат електронска пријава и ја прикачуваат соодветната документација на http://e-uslugi.mon.gov.mk, а доколку немаат можност електронски да аплицираат, пополнуваат хартиена пријава (евидентен лист) и ја доставуваат потребната документација по конкурсот во студентскиот дом.

Доколку по објавување на конечните списоци со примени студенти по домови, останат непополнети сместувачките капацитети во одреден дом, пријавувањето ќе продолжи сé до пополнување на истите, но најдоцна до 15 ноември.