Објавени се стипендиите за студирање на најдобрите светски универзитети

Фото: Sincerely Media on Unsplash

Во тек се конкурсите за доделување на стипендии за граѓаните на Северна Македонија што во академската 2022/2023 година ќе се запишат на прв, втор или трет циклус на студии на еден од првите десет рангирани универзитети од сите области, односно на еден од првите сто рангирани универзитети од областа на техничките науки, архитектурата, градежништвото, математиката, меѓународното право, економијата и финансиите, физиката, биологијата, хемијата, медицинските науки и генетиката, според последната објавена ранг листа на Центарот за универзитети од светска класа при Шангајскиот Џио Тонг универзитет, информираше Министерството за образование и наука (МОН).

Покрај главниот услов- уписот на студии на некој од десетте најдобри универзитети во светот од сите области или еден од најдобрите 100 универзитети од наведените области, секој потенцијален кандидат треба да биде државјанин на Република Северна Македонија, да не е корисник на стипендија од друг давател, да поседува доказ за активно познавање на јазикот на кој се изведува наставата и да има постигнато одреден успех во текот на претходното образование и тоа – просечна оценка од 4,5 во текот на средното образование, доколку аплицира за стипендија за додипломски студии; 8,5 во текот на првиот и/или вториот циклус на студии доколку аплицира за стипендија за постдипломски, односно докторски студии.

Како што соопшти МОН, износот на стипендијата зависи од земјата и универзитетот на кој кандидатот се запишал и ги покрива трошоците за уписнина најмногу до 40.000 американски долари на годишно ниво, повратен авионски билет и месечен паричен надомест.

По завршувањето на студиите, кандидатите, согласно потпишаниот договор за користење на стипендијата, имаат обврска да се вратат во Северна Македонија и да работат во јавниот или приватниот сектор најмалку двојно поголем период од периодот на студирање.

Крајниот рок за аплицирање е 15 септември 2022 година, а конкурсите можат да се најдат на страницата на МОН:

-за прв циклус

-за втор циклус

-за трет циклус

Исто така, во тек е и конкурсот за доделување стипендии за додипломски студии од прв циклус во странство од областите на ликовната уметност, кинематографијата и филмската продукција, драмската уметност и музиката за академската 2022/2023 година.