Објавени првите фасцинантни фотографии направени од вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“

фото: НАСА

Вселенската агенција НАСА вчера објави пет фасцинантни фотографии во боја од далечни галаксии, направени со телескопот „Џејмс Веб“. Целосниот сет на првите слики со спектроскопски податоци на телескопот откриваат збирка космички карактеристики кои досега биле „недостижни“, а следуваат откако беше објавена првата фотографија од вселенскиот телескоп на НАСА.

Овие слики, кои го вклучуваат и најдлабокиот инфрацрвен поглед на нашиот универзум некогаш направен, покажуваат како телескопот ќе помогне да се откријат одговорите на прашањата што сè уште не знаеме да ги поставиме, прашања кои ќе ни помогнат подобро да го разбереме нашиот универзум и местото на човештвото во него, рече Бил Нелсон, администратор на НАСА.

„Неверојатниот успех на тимот на Веб е одраз на она што НАСА го прави најдобро. Ги земаме соништата и ги претвораме во реалност за доброто на човештвото. Едвај чекам да ги видам откритијата – тимот штотуку започнува“, изјави Нелсон.

Објавувањето на првите фотографии на Веб го означува почетокот на научните операции на овој телескоп, при што астрономите ширум светот со помош на инструментите на Веб ќе можат да набљудуваат објекти во нашиот сончев систем, па дури и раниот универзум.

Првите набљудувања на телескопот Џејмс Веб беа одбрани од група претставници од НАСА, Европската вселенска агенција, Канадската вселенска агенција и Научниот институт за вселенски телескоп.

SMACS 0723

Првиот производ на телескопот Џејмс Веб ја испорача најдлабоката и најострата инфрацрвена слика на далечниот универзум направена досега. Оваа фотографија од јатото галаксии SMACS 0723 е преполна со детали.

фото: НАСА

Карина Нерула

Овој пејзаж од „планини“ и „долини“ прошарани со блескави ѕвезди е всушност работ на блоскиот, млад регион што формира ѕвезди, наречен NGC 33214. Снимена со инфрацрвена светлина со новиот телескоп, оваа слика за првпат открива претходно невидливи области на раѓање на ѕвезди. Највисоките „врвови“ на оваа слика се високи околу седум светлосни години.

фото: НАСА

Квинтетот на Стефан

Квинтетот на Стефан, визуелна групација од пет галаксии, е најпознат по прикажувањето во филмот „Тоа е прекрасен живот“ (It’s a Wonderful Life) од 1946 година. Вселенскиот телескоп Веб го открива Квинтетот на Стефан во ново светло. Овој огромен мозаик е најголемата слика на Веб досега, при што покрива околу една петтина од дијаметарот на Месечината. Содржи над 150 милиони пиксели и е направена од речиси илјада посебни датотеки со слики. Информациите од „Џејмс Веб“ даваат нови сознанија за тоа како галактичките интеракции можеби ја поттикнале еволуцијата на галаксиите во раниот универзум.

фото: НАСА

Маглина на Јужниот прстен

Затемнетата ѕвезда во центарот на оваа сцена испраќа прстени од гас и прашина со илјадници години во сите правци, а телескопот за првпат откри дека оваа ѕвезда е покриена со прашина. Две камери на телескопот ја снимиле најновата слика од оваа планетарна маглина, каталогизирана како NGC 3132 и позната како „маглина на Јужниот прстен“. Оддалечена е приближно 2.500 светлосни години.

фото: НАСА

WASP-96 b

„Џејмс Веб“ го сними овој карактеристичен знак на вода, заедно со докази за облаци и магла во атмосферата што ја опкружува жешката, надуена гасовита џиновска планета која орбитира околу далечна ѕвезда слична на Сонцето. Фотографијата открива присуство на специфични молекули на гас засновани на ситни намалувања на осветленоста на прецизните бои на светлината и е најдетална од ваков вид досега. Фотографијата ја покажува способноста на телескопот да анализира атмосфери оддалечени стотици светлосни години.

фото: НАСА