fbpx

Објавени повици за доделување субвенции за фотонапонски централи, ПВЦ-прозорци и сончеви колектори

Министерот за економија Крешник Бектеши информираше за четири јавни повици кои ги објави Министерството за економија од Програмите за поддршка на енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија

-

Министерството за економија годинава првпат ќе дава субвенции до 80.000 денари за вградување фотонапонски централи во домаќинствата, а ќе продолжи со поддршката на граѓаните и преку субвенциите за ПВЦ прозорци до 20.000 денари по домаќинство и за сончеви колектори до 15.000 денари.

Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека буџетот за оваа намена година не е скратен, туку напротив, зголемен е и изнесува вкупно 70 милиони денари. Toj денеска на прес-конференција во Владата информираше за четири јавни повици кои ги објави Министерството за економија од Програмите за поддршка на енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија.

„Фокус на Министерството за економија во 2023, освен справување со ценовната криза, е и енергетиката и справување со енергетската криза. Министерството за економија почнувајќи од 2007 година успешно ја спроведува Програмата за промоција на обновливите извори на енергија и поттикнување на енергетската ефикасност во домаќинствата. Со оваа програма се предвидува да бидат објавени јавни огласи за секоја од мерките и истите се објавени денес“, информираше Бектеши.

Средствата од оваа програма во вкупен износ од 70 милиони денари ќе се користат, како што соопшти Бектеши, за реализација на следните мерки:

  1. Надоместување на дел од трошоците за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци во домаќинствата за 2023 година – вкупно предвидени 25.000.000 денaри со опфат на околу 1.200 домаќинства

 

  1. Надоместување на дел од трошоците за купување сончеви термални колекторски системи во домаќинствата за 2023 година – вкупно предвидени 15.000.000 денари со опфат на околу 1000 домаќинства

 

  1. Надоместување на дел од трошоците за купување и инсталирање на фотонапонски електроцентрали за производство на електрична енергија до 6 kW за сопствена потрошувачка за домаќинствата, на градба на која има право на сопственост или користење за 2023 година – вкупно предвидени 30.000.000 денари со опфат на околу 370 домаќинства

 

  1. Програма за поттикнување на сигурноста во снабдувањето со природен гас во домаќинствата за 2023 година

Министерството за економија на лицата кои ќе купат и вградат ПВЦ или алуминиумски прозорци во своите домови, ќе им обезбеди поврат на средства во висина до 50%, но не повеќе од 20.000 денари по домаќинство за 2023 година, под услов купувачите досега да не користеле средства за оваа мерка.

Со цел стимулирање на користењето на сончевата енергија, на купувачите на сончеви термални колекторски системи (колектори, резервоар за топла вода и потребна инсталација), кои ќе ги купат и вградат во своите домови, Министерството за економија ќе им обезбеди поврат на средства во висина до 30%, но не повеќе од 15.000 денари по домаќинство за 2023 година, под услов купувачите досега да не користеле средства од оваа мерка.

Со цел стимулирање на домаќинствата за користење на обновливи извори на енергија, пак, кои минимално ги загадуваат воздухот и почвата и не влијаат врз климатските промени, на лицата кои ќе купат и инсталираат фотонапонски електроцентрали за производство на електрична енергија до 6 kW за сопствена потрошувачка, на градба на која имаат право на сопственост или користење, Министерството за економија ќе им обезбеди поврат на средства во висина до 30%, но не повеќе од 80.000 денари по домаќинство за 2023 година.

Парите од Програмата за поттикнување на сигурноста во снабдувањето со природен гас во домаќинствата за 2023 година во вкупен износ од 10.000.000 денари ќе се користат за надоместување на дел од трошоците за изработка на проектна документација за приклучок на системот за дистрибуција на природен гас и/или изведба на приклучок на системот за дистрибуција на природен гас на домаќинствата до 70%, но не повеќе од 25.000 денари по домаќинство за 2023 година во Струмица и во Куманово.

„Главна цел на оваа мерка е обезбедување на квалитетни, оптимални услови за живеење од аспект на квалитетно загревање на домаќинствата со добивање на топлинска енергија од систем кој користи енергенс кој е поекономичен, еколошки чист (во однос на мазутот, јагленот и огревното дрво) и заштедува финансиски средства, односно ги намалува трошоците во однос на постојниот начин на загревање со електрична енергија и систем кој е одржлив на долг рок, подигање на еколошките стандарди, подигање на еколошката свест, како и намалување на PM10 честичките и СО2 во атмосферата и поголема заштита на животна средина“, велат од Министерството.

Оттаму додаваат дека покрај за домаќинствата, програмата индиректно ќе помогне и во надминување на проблемите и задржување на ликвидноста на компаниите од гасниот сектор, кои беа најмногу погодени од тековната светска енергетска криза.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...