Започна процесот на гласање за Наградата за младинско учество, која Националниот младински совет на Македонија ја доделува во рамки на проектот за граѓанско учество.
Публиката може да гласа во три категории – индивидуална, категорија за неформални групи на млади и категорија за младински организации и мрежи на младински организации. Во секоја од овие категории ќе бидат доделени по две награди на кандидатите со најмногу гласови.
Наградите се доделуваат на поединци и сојузи кои демонстрирале исклучителна посветеност на подобрување на животот во нивната заедница или во општеството, преземајќи активности кои се однесуваат на прашања од јавен интерес на кое било ниво во Северна Македонија, во периодот јануари 2020 – март 2021 година.
Номинирани во индивидуалната категорија се:
- Бленди Ходаи – средношколец, младински активист и претседател на Сојузот на средношколци;
- Горазд Китановски – млад поет и уметник посветен на промоција на позитивното размислување во општеството, обраќајќи им се претежно на младите преку неговата поезија, уметност и креативност;
- Александар Лазовски – активист посветен на решавање на социјалните предизвици во државата и дизајнер на дигиталната образовна програма „ЕДУИНО“, која сега е во сопственост на Бирото за развој на образованието;
- Јана Огњановска – активистка која ја претстави и ја координираше иницијативата наменета да им помогне на луѓето со Даунов синдром да се поврзат за време на долготрајниот полициски час и
- Ален Умер – млад наставник и претседател на Локалниот младински совет на општина Шуто Оризари.
Номинирани во категоријата неформални групи за млади се Центарот за еднакви можности „Mollëkuqja/Бубамара“, онлајн образовната платформа „Odas Education“ наменета за ученици од средно образование, Младинското здружение на глуви и наглуви „МЛАД ЗНАК“, апликацијата „Walkiie“ за помош на лицата со попреченост, иницијативата „Water4Changes“ и дигиталната платформа „Ways2Help“ – наменета за поврзување на поединци, организации и компании за помош на социјално загрозените деца и семејства.
Во категоријата за младински организации и мрежи на младински организации номинирани се:
Асоцијацијата за заштита на животните „AMOS Shelter“, граѓанската иницијатива „АВАЈА“, која има за цел да ги артикулира и промовира интересите на граѓаните Роми, Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина „Go Green“, „Kolektiv Z“ – колектив предводен од млади жени за клима и социјална правда и Младинскиот Сојуз – Крушево, кој работи на активно вклучување на младите луѓе во сите пори од општествениот живот и нивно влијание врз донесувањето на одлуки на локално, национално и регионално ниво.
Гласањето во секоја од категориите е достапно на овој линк и е отворено до 28 април.
Инаку, минатата година добитници на наградите во категоријата за младински организации беа „My Life“ и Здружението за афирмација на уметноста „Флуктус“, наградите за неформални групи на млади ги добија „3D Print Medical Equipment“ и иницијативата „S.H.A.R.E.“, додека добитници на наградите во индивидуална категорија беа Ивана Балабанова и Сибел Бајрам.
„Мета.мк“ тогаш разговараше со дел од победниците во категориите, кои го истакнаа значењето на наградите доделени од страна на Националниот младински совет на Македонија.