Објавени конкурсите за запишување во средно образование и за сместување во ученичките домови

Фото: Мета.мк

Министерството за образование и наука денеска го објави Конкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта за учебната 2022/2023 година.

Во Конкурсот, кој може да се види на следниот ЛИНК, наведени се условите за запишување во средните училишта, критериумите за избор на учениците, потребните документи за запишување, наставните предмети од основното образование кои се предвидени во критериумите за рангирање на успехот на учениците, роковите за пријавување и други насоки за спроведување на Конкурсот.

Првото пријавување на учениците ќе биде на 14 и 15 јуни 2022, второто пријавување на 21 и 22 јуни 2022, а третото пријавување на 28 јуни 2022.

Исто така, отворен е и Конкурсот за прием во јавните ученички домови за учебната 2022/2023 година, во кој се наведени условите за прием, потребните документи, како и начинот и постапката за прием.

Слободни се 2.555 места во 18 ученички домови во 14 градови. Во пет ученички дома во Скопје се слободни вкупно 808 места.

Учениците кои се пријавуваат на Конкурсот треба да пополнат електронска пријава поставена на интернет-порталот http://e-uslugi.mon.gov.mk или директно да поднесат хартиена пријава до ученичкиот дом.

Рокот за електронското пријавување на учениците кои се запишани во втора, трета и четврта година почнува од 24 јуни и ќе трае до 1 јули 2022, а за учениците кои се запишани во прва година, електронското пријавување ќе биде од 1 јули до 8 јули 2022.