Фото: Robert Anasch на Unsplash

Владата го објави списокот на фирмите кои добија финансиска помош од државата за исплата на плати за вработените за месец октомври, а не го сториле тоа. На списокот се 179 компании на кои им биле исплатени 5.271.771 денари, околу 86 илјади евра, а не поделиле плати за 338 вработени. Според списокот, во најголем дел станува збор за фирми од дејностите за подготовка на оброци и служење на храна, потоа за трговија на мало, градежни компании, трговци со моторни возила, на големо и мало и поправки, градежни фирми, трговски фирми на мало и разни занаетчиски дуќани.

На најголем дел од овие компании (25), им е дадена финансиска помош во висина до 21.776 денари за исплата на плати на вработени. Потоа, до 20.320 денари примиле 15 фирми, сума од 18.865 зеле 12 компании, до 17.410 денари им биле исплатени на 21 фирма, а до 15.955 денари на 15 домашни компании. На остатокот од списокот фирми им се дадени од буџетот средства во износ до 14.500 денари помош за плати.

Компаниите кои добиле највисоки суми за плати, според објавената листа, имаат прикажано пад на приход од над 80 отсто, додека кај оние со најмали износи на поддршка, падот на приходот се движи од 30-40 отсто. Најголем дел од фирмите кои добиле најниска поддршка за плати, до 14.500 денари, имаат од 1 до најмногу 5 вработени, но многу сличен е и бројот на вработените кај оние компании на кои им биле исплатени до 21.776 денари.

Каков е ставот на работодавачите во врска со јавното објавување на имињата на нивните компании на владиниот список, како и за паричните казни што ги најави УЈП? Некои работодавачи со кои „Мета.мк“ стапи во контакт, не сакаа да коментираат. Некои од телефонските броеви на компаниите објавени на нивните веб страни не се активни, а на интернет страниците на некои компании од списокот стои: „избришани субјекти“.

Од Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) оценуваат дека е добро што УЈП ги објави фирмите што зеле финансиска помош и што се знае кој не исплатил плати, но дека поради тоа не треба да се става црна дамка на сите работодавачи.

„Според бројот на компаниите, тоа се 1,4 отсто од сите, а според бројот на работниците, 0,5 отсто од сите вработени, што укажува дека се тоа микро и мали компании. Потребна е дополнителна анализа околу тоа: за кои региони и градови станува збор и од кои сектори, како и да се утврди причината зошто се злоупотребила помошта. Некои фирми можеби навистина имаат блокирани сметки или се пред затворање, а други можеби намерно направиле злоупотреба. Колку повеќе имаме податоци, толку ќе можеме да имаме реална слика за состојбата и да извадиме препораки за подобрување на истата“, вели за „Мета.мк“ Ангел Димитров, претседателот на ОРМ. 

УЈП пред два дена објави дека според Законот за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза предизвикана од ковид-19, за октомври, ноември и декември 2020 година, предвидена е казна, во денарска противредност, во износ од 500 до 1.000 евра за микро правно лице, од 500 до 2.000 евра за мало, од 1.000 до 6.000 евра за средно и од 1.000 до 10.000 евра за големо правно лице.