Објавени добитниците на наградите за младинско учество на Националниот младински совет

Националниот младински совет ги објави добитниците на наградите за младинско учество во рамки на проектот за граѓанско учество на УСАИД.

Во секоја од трите категории беа прогласени по двајца победници, според бројот на гласови од публиката.

Во индивидуалната категорија победници се Бленди Ходаи и Ален Умер.

Бленди Ходаи ја доби наградата за неговата улога како младински активист и  претседател на Сојузот на средношколци. Преку Сојузот, Ходаи бараше подобра адаптација на образовниот систем со предизвиците од Ковид-19 пандемијата, што резултираше со подобрени политики кои ги адресираат потребите на младите.

Ален Умер е млад наставник и претседател на Локалниот младински совет на Општина Шуто Оризари. Добитник е на наградата заради адресирање на потребите на младите во креирањето на локална стратегија за млади на Општина Шуто Оризари, како и за мобилизирање на млади Роми во едукативни кампањи за заштита за време на пандемијата, говорот на омраза и за важноста на ромскиот јазик во формалното образование.

Во категоријата неформални групи за млади, добитници на наградите се Центарот за еднакви можности „Mollëkuqja/Бубамара“ , како и мобилната апликација Walkiie.

Награди НМСМ 2021

Центарот за еднакви можности „Бубамара“ спроведе серија активности и кампањи за млади во Полошкиот регион на тема родово-базирана дискриминација во политиката, во носењето одлуки, родово-базираното насилство и слично.

Апликацијата Walkiie, пак, ги поврзува децата и младите со интелектуална попреченост и нивните родители/старатели со волонтери од било која возраст, кои се спремни да им пружат поддршка кога се надвор од дома и со кои ќе поминуваат време, со цел полесно да ги извршуваат секојдневните активности заедно.

Младинскиот сојуз – Крушево и Здружението за заштита на животните „AMOS Shelter“ се победници во категоријата на младински организации и мрежи на младински организации.

Награди НМСМ 2021

Youth Alliance- Krushevo  работи на активно вклучување на младите во сите пори од општествениот живот и нивно влијание врз донесувањето на одлуки на локално, национално и регионално ниво. Изминатава година обезбеди соработка помеѓу младите од Северна Македонија и Грција преку билатерална канцеларија за младинска соработка која им нуди простор на младите да се среќаваат и да дискутираат на различни теми.

Здружението „AMOS Shelter наградата ја доби за мобилизирање на младите во обезбедување на добросостојбата на бездомните животни на улиците во Северна Македонија преку нивната иницијатива за вдомување која вклучува и вакцинација, стерилизација и проверка на здравствената состојба на животните.

Наградите од страна на НМСМ се доделуваат на поединци, неформални групи и организации кои покажале јасна визија за подобрување на заедницата и демонстрирале исклучителна креативност, иновација и лидерство во дефинирање и решавање на прашања од јавен интерес и дале видливи резултати во подобрување на благосостојбата на заедницата или општеството.

Гласањето за номинираните кандидати во секоја од категориите беше отворено во периодот помеѓу 14 и 28 април. Од НМСМ соопштија дека пристигнале вкупно 9.166 гласови.