Објавена е збирката кратки раскази избрани на петтиот регионален конкурс „Бибер 05“, кој беше отворен од 10 декември 2021 година до 1 јуни 2022 година. На конкурсот пристигнале вкупно 473 анонимни дела. Дваесет и петте раскази кои се вклучени во збирката ги избрало жирито во состав: Лејла Каламујиќ, Калина Малеска и Оља Савичевиќ Иванчевиќ. Наградени се расказите „Време на митарење“ на авторката Ана Кутлеша од Загреб, „Фертик“ на авторката Лидија Дедуш од Вараждин, „Земја на среќата“ на авторот Анте Сториќ од Шибеник и „Зборови“ на авторот Милош Перишиќ од Аранѓеловац.
Во збирката се наоѓаат и раскази како „Вошки“ на Душан Радаковиќ од Зрењанин, „Кога ќе влезам дома, ја гаснам светлината“, на Ена Катарина Халер од Загреб, „Црвениот облакодер“ на Лана Буњевац од Загреб, како и многу други.
За преводите се заслужни Борислав Павловски, Крешник Ајдини, Ирена Шентевска, Ѓоко Здравески, Ѓорѓе Божовиќ, Иван Шопов и Ќерим Ондози. Илустрацијата на кориците ја направи Зоран Кардула.
„Бибер“ е конкурс за краток ангажиран расказ на албански, македонски, босански, хрватски, српски и црногорски јазик. Темата на конкурсот е помирување во контекст на оставнината/наследството на војните и насилството во земјите од поранешна Југославија, а доаѓаат предвид и раскази што можат да придонесат за подобро разбирање меѓу луѓето, намалување на омразата и разградување на предрасудите, антивоени раскази, раскази што се занимаваат со соочување со минатото, разградување на сликата за непријателите, сочувство за другите, храбри раскази што се осмелуваат да одат во „непријателски“ чевли, раскази што ги поместуваат границите и ни ги отвораат патиштата да градиме поизвесна, побезбедна и послободна иднина за сите.