Објавена публикацијата „Стандарди на Советот на Европа за заштита и спречување на дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет“

Фото: Хелсиншки комитет

Објавена е публикацијата „Стандарди на Советот на Европа за заштита и спречување на дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет“ од авторките д-р Елена Михајлова-Стратилати и Вики Младенова.

Публикацијата, како што истакнаа од хелсиншкиот комитет за човекви права е своевиден обид да се консолидираат постоечките релевантни акти на институциите на Советот на Европа во оваа област.

„Селектирани се документи кои претставуваат инструменти за застапување и даваат јасни упатства за правата на ЛГБТИ лицата. Даден е и увид во еволуцијата на еднаквоста на ЛГБТИ лицата низ case law- то на Европскиот суд за човекови права, а посветено е внимание и на одлуките на Европскиот комитет за социјални права“, информираат од Хелсиншкиот комитет.

Во публикацијата е ставен посебен фокус на Препораките на Европската комисија против расизам и нетолеранција (ЕКРИ), која започна со следење на состојбата на ЛГБТИ лицата во 2012 година, како дел од својот редовен мониторинг на сите земји членки на Советот на Европа.

Вчера на промоцијата одржана по повод објавување на публикацијата, една од авторките, професорката Елена Михајлова-Стратилати истакна дека напредокот постои, но е сегментиран и бавен, па дури и, како што рече, понекогаш и се заканува да се врати наназад.

„Освен конкретни организации за застапување и поединци, речиси и не постои поопшта, граѓанска мобилизација за решавање на родовата и сексуалната омраза. Тоа е затоа што човековите, економските и социјалните права на овие луѓе сè уште се сметаат за дискутабилни. Дискусиите сè уште започнуваат со прашањето „дали сте за или против правата на ЛГБТИ?“, рече Михајлова-Стратилати.

Публикацијата е подготвена во рамки на проектот „Towards a More Resilient LGBTI Movement > Know More – Protect Better”, поддржан од страна на ILGA-Europe, а имплементиран од страна на ЛГБТИ Центарот за поддршка во партнерство со Коалиција Маргини. Истата е достапна на македонски и албански јазик на веб страната на Хелсиншкиот комитет за човекови права.