Објавен вториот меѓународен конкурс за стрип на тема „Стрипот и историјата“

Фото: Стрип центар на Македонија - Велес

Стрип центар на Македонија – Велес во рамките на проектот „CAN for BALKANS – (Comics Alliance Networking for Balkans) го објави вториот меѓународен конкурс за стрип на тема „Стрипот и историјата“.

„Сите поднесени стрипови треба да имаат опфат на некој историски период, од праисториско време и антика до современиот период. Како лица во приказната можат да се изберат познати историски ликови или анонимни лица. Стриповите може да се фокусираат на херојски чинови, како и на традиции, културни, економски, спортски или општествени настани. Накратко, сè што спаѓа под историски стрип и се фокусира на балканската историја може да биде претставено во уметничкото дело. Авторите се охрабруваат да пристапат на оваа тема обидувајќи се да се фокусираат на она што го спојува балканскиот свет, а не на она што го дели“, нагласуваат од Стрип центарот на Македонија.

Меѓународниот стрип „CAN for BALKANS“ е отворен за уметници од целиот свет за лица со најмалку 18 години. Притоа, секој апликант може да поднесе најмногу два стрипа. Делата треба да бидат во формат А3 табла, минимална резолуција: 300 dpi за да се овозможи печатење на А2 формат.

Апликацијата го содржи стрип делото (скенирана копија со мин. 300 dpi резолуција) и формуларот пополнет со дополнителни информации. Секое од делата треба да биде на англиски или на еден од јазиците на партнерите во проектот (албански, француски, македонски, романски, српски) и да ја следат темата на повикот. Рокот за поднесување на апликацијата е најдоцна до 17 јули 2022. Истата треба да се поднесе преку наменскиот дел на веб-страната на проектот.

Избраните уметници ќе добијат можност за објавување на трудот во онлајн платформата на проектот, објавување во проектниот каталог на англиски јазик;
и изложување на делото на меѓународни изложби во периодот од октомври 2022 година до март 2023 година во Романија (Меѓународен историски стрип фестивал Брашов), Албанија (Национален музеј на Албанија – Тирана), Белгија (Музеј на стрип уметност – Брисел), Србија (училиште на Стрип – Лесковац), Република Македонија (Стрип центар на Македонија – Велес), како и можност за присуство на овие изложби.

„CAN for Balkans“ предвидува четири главни награди и тоа Гран при – 1.000 евра, Прва награда – 800 евра, Втора награда – 500 евра, Трета награда – 300 евра. Од Стрип центарот соопштуваат дека на петмина стрип автори (по еден од секоја земја-партнер) ќе им бидат врачени спомен награди во вредност од 200 евра – бруто износ по секоја награда. Овде се мисли на оние уметници-учесници кој не добил никаква горенаведена награда, но освоил највисок резултат меѓу уметниците од таа соодветна земја.

За повеќе информации може да го посетите ЛИНКОТ.

„Comics Alliance Networking for Balkans“ се одвива од 01.03.2021 до 31.03.2023 година. Истиот е финансиран преку програмата „Креативна Европа“ од Европската Извршна Агенција за образование и култура (EACEA) – Брисел, како дел од повикот Консолидација на културната соработка и конкурентноста на културните и креативните Индустрии во Западен Балкан (EACEA 39/2019).