Објавен првиот зборник текстови за попреченост на македонски јазик

Фото: Издавачка куќа Темплум

Издавачката куќа Темплум го објави зборникот „Попреченост: текстови за инвалидните тела“, што е прв од ваков тип на македонски јазик. Зборникот е во објавен во едицијата теорија „20/21 Век“.

„Книгата има за цел да го поттикне знаењето за попреченоста кај нас, сметајќи дека интелектуалното знаење за попреченоста пред сè ќе им овозможи подобро место во општеството на луѓето со попреченост. Воедно, овие текстови и кај пошироката заедница треба го приближат знаењето за попреченоста, со што ќе се поттикнат емпатијата, солидарноста и вклученоста во општеството“, пишува уредникот Никола Гелевски во предговорот на книгата.

Зборникот пренесува пет влијателни есеи од областа на „студиите за попреченост“ во првиот дел и дваесетина кратки есеи за телото во вториот.

Во еден од застапените есеи светски познатиот стручњак во студиите за попреченост, Ленард Дејвис го истакнува следново: „Податокот дека најверојатно многумина од телесно неоштетените денес ќе станат оштетени утре“ и го повлекува прашањето:„Зошто инвалидноста не е препознаена како потенцијално универзална состојба? Иако таа навистина е тоа“.

„Овој мал зборник за попреченост е интелектуален резервоар на клучните идеи за попреченоста, и поттик за развој на активизмот на луѓето со попреченост кај нас. На активизмот многу често му се потребни рефлексии и промислувања, за да фати чекор со поширокото опкружување, но и за подобро да се разбере самиот себе“, пишува во предговорот на новоиздадената книга.