Објавен првиот број на списанието „Современост“ за годинава

Списание

Излезе од печат најновиот број на списанието за литература, култура и уметност „Современост“ за 2023 година. Во првиот број се вклучени 21 статиja на 114 страници – два прилога проза, шест прилози поезија, три приопштувања, пет прилози од рубриката интерпретации, четири рецензии и афоризми.

Бројот е отворен со расказот „Јамата“ од Стефан Марковски и „Пригушени осцилации“ од Станка Бајлозова Барламова. Потоа следи избор поезија од: Васил Дрвошанов, Мирјана Тренчева, Иван Стојановски, Марина Икономова Шокева, Никола Алтиев и Софија Добреска.

Скриншот од насловната страница на "Современост"

Преведен извадок од романсиерското творештво на славниот автор на готскиот хорор роман „Дракула“ Брам Стокер е поместено во бројот, како и од поезијата на современиот перуански поет Емилио Мартин Паз Панана и современата кинеска енциклопедистичка поетеса Јин Џиојуан. Истите се сместени во рубриката Приопштувања. Васил Тоциновски и младите македонистки Верица Мукоска, Симона Анакијевска, Моника Колева и библиотекарката Елена Станкоска се застапени со статии во рубриката Интерпретации.

Во рубриката Вреднувања се застапени рецензии од Славчо Ковилоски, Никола Алтиев, Јованка Денкова и Андреј Медиќ Лазаревски.

Крајот е отстапен за прилог составен од 165 афоризми од велешкиот афористичар Атанас Крлевски.

Илустрациите во првиот број на „Современост“ за оваа година се дело на младиот ликовен уметник Калин Маловски и истиот е достапен во книжарите на „Литература.мк“ и Антолог – Скопје.