Објавен повикот за учество на манифестацијата „Бела ноќ“

Фото: Фејсбук страна на „Бела ноќ“

Јавната установа Универзална сала – Скопје и Град Скопје распишаа јавен повик за учесници на културната манифестација „Бела ноќ“, која годинава треба да се одржи по 17 пат.

„Годинава, како и секоја Бела ноќ, ќе бидат опфатени следниве области: визуелни уметности (ликовна уметност, фотографија, инсталација, видеоарт, стрип) како и применети уметности (архитектура, визуелен/индустриски/веб дизајн, мода, дигитални креации, видеоарт и инсталации), музика, филм, проекции и јавна уметност и урбани изведби и перформанси“, истакнаа организаторите на културната манифестација.

Учесниците ќе бидат селектирани од страна на организаторите врз основа на поднесените апликации. Притоа, главните критериуми ќе бидат квалитетот, иновацијата и карактерот во опсег на предложениот концепт. Дозолени се сите уметнички форми и медиуми без разлика на избор на инструментите и техниите.

Поднесените пријави треба да се осмислени така што ќе постои можност за истите да бидат применети мерките за заштита од Ковид-19 кои ќе важат на денот на реализација на настанот.

Пријавата, заедно со биографијата со личните податоци за уметникот или изведувачот, описот на проектот и неговата финансиска конструкција треба да бидат испратени најдоцна до 1 септември на адресата „ЈУ Универзална сала Скопје, со назнака (ЗА БЕЛА НОЌ 2021 ), Бул. Партизански одреди бр. 22 (Библиотека Браќа Миладиновци) 1000 Скопје, Северна Македонија“ или по пат на електронска пошта на [email protected].