Објавен повикот за учесници на Школата за политики при Претседателскиот центар за политичко образование

фото: Кабинет на Претседател на Република Северна Македонија

Школата за политики за 2023 година при Претседателскиот центар за политичко образование ќе се одржи во периодот од март до ноември годинава, за време на викендите, а повикот за учество на Школата веќе е отворен, соопштија од кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија.

Учениците на Школата за политики ќе имаат можност да ги унапредат своите знаења на темите демократија, одржлив развој, евроинтеграции и комуникации, да следат предавања и интерактивни работилници од врвни домашни и меѓународни експерти, да работат индивидуално и во групи со истакнати поединци-нивни врсници, да ги зајакнат своите комуникациски и лидерски вештини и да остварат значајни контакти со експерти од областите што ги опфаќа Школата.

Школата ќе се организира во пет едукативни модули, во времетраење од пет викенди, кои нема да бидат последователни.

„Школата за политики за 2023 година при Претседателскиот центар за политичко образование ќе биде организирана во духот на демократските политички вредности, промоцијата и заштитата на човековите права и слободи, политичкиот плурализам, меѓусебната толеранција, заедништвото и солидарноста. Во таа насока, Школата ќе настојува да ги поврзе учесниците со различно професионално искуство, кои имаат желба со своите знаења и вештини да придонесат за позитивен развој на општеството, во рамки на пет едукативни семинари со еминентни предавачи и обучувачи од државата и од странство“, велат од Претседателскиот кабинет.

Право на учество на Школата имаат сите државјани на Северна Македонија на возраст од 21 до 35 години со работно познавање на англиски јазик, истакнато учество во општествениот, политичкиот или економскиот живот во државата и со солидни познавања на општествената терминологија.

За апликација е потребна пријава која може да се симне од овој линк, биографија во облик на Europass CV, две препораки од професори, работодавци или соработници релевантни за тематиката на школата и есеј на англиски јазик на зададена тема по избор. Документите за апликација може да се испратат на еден од работните јазици на Школата – македонски, албански или англиски, по избор на апликантот.

Повеќе информации за Школата за политики за 2023 година може да се најдат на овој линк.