Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, го објави периодичниот извештај кој ги презентира генералните резултати од набљудувањето на исполнетоста на Итните реформски приоритети (ИРП) од областа на медиумите за периодот од 15 август 2020 до 15 декември 2020 година, во рамките на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“ со финансиска поддршка од Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Во рамките на Итните реформски приоритети беа набљудувани четири столба и тоа: Јавен радиодифузен сервис и медиумски реформи; Владино рекламирање/јавни пари во медиумите; Пристап до информации и Клевета и навреда.
За Јавен радиодифузен сервис и медиумски реформи е оценето дека Итните реформски приоритети се започнати, но не и исполнети.
„Новото парламентарно мнозинство не ги спроведе активностите согласно Законот за ААВМУ за избор и именување на раководните одлучувачки тела во МРТ и во ААВМУ. Имајќи го предвид распоредот во Собранието на РСМ, и фактот дека законски е потребно мнозинство од 2/3 ваквите промени не се веројатни дека би се случиле во блиска иднина,“ се вели во Извештајот.
За Владино рекламирање/јавни пари во медиумите се вели дека реформите се делумно исполнети. Во Извештајот се акцентира најавата на премиерот Зоран Заев за можноста за измена или за целосно укинување на член 102 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кој е конкретен во забраните за рекламирање на јавните претпријатија.
„На ваквите најави на премиерот Заев остро и аргументирано се спротивставија медиумските организации ЗНМ, ССНМ, СЕММ и МИМ. Од друга страна пак, помалите медиуми од внатрешноста ја поддржуваат оваа иницијатива во која преку добивање пари од државните институции и јавните претпријатија го гледаат својот единствен опстанок и натамошно постоење,“ се вели во Извештајот.
Во однос на третиот столб за Пристап до информации, во документот се забележува дека реформите се целосно исполнети.
„Заедничка е констатацијата на сите засеганти страни дека состојбите се подобрени, но и дека државата се уште не може да се пофали со комплетна отвореност и отчетност на институциите,“ се додава во Извештајот.
За поглавјето Клевета и навреда се забележува дека реформите се започнати, но не се исполнети.
„Во последниот квартал од 2020 го одбележаа иницијални подготвителни активности кои треба да се спроведат пред да биде доставен предлогот за дополнување и измени на Законот за граѓанската одговорност за клевета и навреда до Владата и до Собранието,“ се вели во Извештајот.
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.