Објавен конкурсот за проекти од национален интерес во филмската дејност

Фото: Jakob Owens / Unsplash

Агенцијата за филм го објави конкурсот за финансирање проекти од национален интерес во филмската дејност за 2022 година, односно за организирање на домашни фестивали и други филмски манифестации од меѓународен карактер.

Право на учество во конкурсот имаат правни лица регистрирани во Централен регистар на Република Северна Македонија, непрофитни организации, здруженија на граѓани и фондации.

Приоритет за финансирање ќе имаа проектите кои македонската кинематографија ја ставаат во интернационален контекст, имаат европски, односно меѓународен карактер и го промовираат интеркултурниот дијалог и развој на граѓанското општество. Филмските проекти треба да се засновани на стручно и професионално знаење, имаат висок квалитет и профилираност на основната дејност, имаат значителна посетеност, се одржуваат континуирано и со традиција и имаат едукативен аспект/квалитет на публикациите.

„Агенцијата за филм може да учествува во финансирањето на поднесените проекти согласно финансиските можности, а најмногу до 70 отсто од вкупниот буџет на проектот. Корисниците се обврзуваат дека сите средства доделени од страна на Агенцијата ќе ги користат наменски, законски, рационално и економично согласно буџетот на проектот, од сметка за посебни намени т.н наменска сметка“, пишува на официјалната страна на Агенција за филм.

Пријавувањето на проектите се врши со доставување на пополнета пријава која е составен дел од конкурсот. Пријавата треба да се преземе од веб-локацијата на Агенцијата за филм (www.filmagency.gov.mк) да се пополни на македонски јазик, електронски со впишување на податоци на означеното место и да се верификува.

Крјниот рок за достава на пријави по конкурс е 25.02.2022 година. Повеќе и подетални информации околу процесот на аплицирање може да се пронајдат ТУКА.