Објавен конкурсот за фотографии „Со љубов од Битола“

фото: НУ Центар за култура Битола

Центарот за европски развој и интеграција од Битола во партнерство со НУ Центар за култура Битола, со поддршка од Министерството за култура го објави конкурсот за фотографии за десеттото јубилејно издание на изложбата „Со љубов од Битола“.

Тема на конкурсот се „Архитектонските симболи на Битола“, а право на учество имаат сите љубители на фотографијата – аматери и професионалци.

„Фотографиите треба да се фокусираат на архитектонските обележја на Битола. Овие обележја може да се познати и непзонати, нови и стари, но она што е клучен критериум е да бидат фотографирани од оригинални перспективи“, информираат организаторите на конкурсот.

Секој учесник може да испрати најмногу три фотографии, а на фотографиите не треба да има потпис, друг дополнителен внесен текс или графички елементи. Фотографиите може да се во боја или црно-бели, но не смеат да се постари од 3 години и да се претходно испратени на конкурсот „Со љубов од Битола“.

Формата за пријавување може да се преземе овде, а фотографиите со минимална дефинирана големина треба да се прикачат заедно со пополнетата пријава на електронската адреса [email protected] со назнака ЗА КОНКУРСОТ СО ЉУБОВ ОД БИТОЛА 2022, најдоцна до 27 јули.

Стручното жири ќе изврши селекција на пристигнатите фотографии и ќе направи избор на најдобрите три. Победниците ќе бидат соопштени на денот на отварање на изложбата, кое ќе се реализира во периодот помеѓу 5 и 15 август.

Наградниот фонд за првата награда изнесува 4.000 денари, за втора награда 3.000 денари и за трета награда 2.000 денари.