Објавен јавен повик за Школата за политики организирана од кабинетот на претседателот Пендаровски

Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија објавува јавен повик за Школата за политики организирана од Претседателскиот центар за политичко образование, чија цел е поврзување на учесниците со различно професионално искуство, кои имаат желба со своите знаења и вештини да придонесат за позитивен развој на општеството.

Во согласност со протоколите за работа во време на пандемија, школата ќе се одржи во периодот од март до ноември 2021 година во рамки на четири едукативни семинари со еминентни предавачи и обучувачи од државата и од странство.

Учесниците треба да се на возраст од 25‒35 години, да се државјани на Република Северна Македонија, да го познаваат англискиот јазик, а познавање на друг странски јазик ќе се смета за предност, да имаат истакнато учество во општествениот и политичкиот живот во државата поттикнувајќи позитивни промени, солидни познавања на општествената терминологија, а работното искуство ќе се смета за предност.

Претседателскиот центар за политичко образование цели да организира инклузивни и пристапни настани кои ќе овозможат сите учесници, вклучувајќи ги и лицата со попреченост, целосно да учествуваат.

За апликација потребно е да се достави пријава која може да се симне од следниот линк, биографија во облик на Europass CV, две препораки од еминентни професори/работодавачи, релевантни за тематиката на Школата и есеј на зададена тема по избор: 1. „Мојот придонес за позитивни промени во нашата држава“ и 2. „Мојата визија за демократскиот развој на Северна Македонија“.

Целосната апликација треба да се испрати најдоцна до 1 март 2021 година на [email protected]. Селектираните кандидати ќе бидат повикани на усно интервју.

Повеќе информации за Школата за политики при Претседателскиот центар за политичко образование се достапни на овој линк или пак, на адресата [email protected]