Објавен јавен повик за програмата „Млади менаџери и бизнис-лидери“

Фото: Fabio Rodrigues на Unsplash

Под покровителство на Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, а во соработка со Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија во претстојниот период ќе се реализира програмата „Млади менаџери и бизнис-лидери“.

„Програмата предвидува 15 млади и амбициозни луѓе од Северна Македонија, преку низа на значајни обуки спроведени во неколку компании-членки на Советот на странски инвеститори, да стекнат конкурентни вештини и знаења што ќе ги одведат во нови професионални предизвици“, се вели во соопштението од претседателскиот кабинет.

Целта на оваа програма е да се овозможи градење вештини кај идните млади менаџери и бизнис-лидери со трансфер на знаења овозможен преку соработката на Претседателот и Советот на странски инвеститори, да се откријат потенцијални таленти и да им се овозможи на компаниите кои ќе учествуваат во рамките на Проектот подобро да разберат што ги мотивира младите и да се воспостави мрежа на идни бизнис-лидери и менаџери.

„Програмата „Млади менаџери и бизнис-лидери“ е предвидено да се реализира во периодот од декември годинава до февруари 2021 година. Право на учество во програмата имаат студенти коишто се во последната година од нивните додипломски студии, дипломирани студенти, студенти на магистерски и докторски студии на универзитети/факултети по економија, право, човечки ресурси, менаџмент, јавна администрација, бизнис или научна област со која се занимаваат компаниите, вклучени во оваа програма. Старосната граница е до 29 години“, информираат од Кабинетот на претседателот.