Нема јавно достапни документи, финансиски записи, истражни постапки или одлуки од надлежни институции во Македонија, Бугарија или Европската Унија кои би потврдиле дека е извршена таква исплата или дека постои официјална истрага за наводен поткуп од 10 милиони евра поврзан со уставните измени, пренесува Вистиномер.

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

БОМБА БУГАРСКИ ЕВРО ПРАТЕНИК ТВРДИ ДЕКА НА ФИЛИПЧЕ БУГАРИЈА МУ ИСПЛАТИЛА 10 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ДА ГИ ВНЕСЕ ВО УСТАВОТ

Во Европскиот Парламент има 17 пратеници од Бугарија. „Вистиномер“ на пребарувачот Гугл пребарувајќи ги клучните зборови од објавата што ја рецензираме провери дали постои изјава од бугарски европратеник каде тој наводно кажува дека „Бугарија му исплатила 10 милиони евра на актуелниот лидер на СДСМ Венко Филипче да ги внесе Бугарите во Уставот“ и не пронајдовме ниеден резултат. Доколку некој европратеник од Бугарија дадеше таква изјава, истото ќе беше третирано од домашните и од регионалните медиуми како топ-тема со оглед на сензитивната политичка ситуација околу влезот на Бугарите во македонскиот Устав и продолжувањето на европскиот пат на Македонија. Но, ниту некој домашен ниту некој регионален медиум споменува ваква информација и сума.

Дополнително, сите 17 европратеници од Бугарија, кога ги пребаравме со овие клучни зборови, не пронајдовме резултати. Во објавата што ја рецензираме исто така, воопшто не се дава извор, не се наведува кој европратениик наводно го кажал тоа, а коментарите изобилуваат со навреди за Филипче.

Пребарувањата не пронаоѓаат резултати во поглед на интервјуа, говори во Европскиот Парламент, објави на социјалните мрежи од конкретните европратеници од Бугарија, или медиумски написи во кои тие го споменуваат Венко Филипче во смисла на наводно примени 10 милиони евра за да ги внесе Бугарите во Уставот.

Европратениците Танер Кабилов, Радан Канев, Андреј Ковачев, Илхан Ќучук, Рада Лајкова, Илија Лазаров, Ева Мајдел, Никола Минчев, Андреј Новаков, Цветелина Пенкова, Христо Петров, Емил Радев, Станислав Стојанов, Ивајло Валчев, Кристиан Вигенин, Петар Волгин и Елена Јончева немаат дадено таква изјава.

Исто така, нема ниту јавно достапни документи, финансиски записи, истражни постапки или одлуки од надлежни институции во Македонија, Бугарија или Европската унија кои би потврдиле дека е извршена таква исплата или дека постои официјална истрага за наводен поткуп од 10 милиони евра поврзан со уставните измени.

Можно е тврдењето да произлегува од погрешно пренесување на други политички обвинувања. Во јавноста постојат изјави од македонски политичари кои споменуваат други износи (на пример, 9 милиони евра) и други наводи, но тие не се изјави на бугарски европратеници и не претставуваат доказ дека Бугарија исплатила пари на Венко Филипче. Таквите политички обвинувања сами по себе не ја потврдуваат вистинитоста на тврдењето.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар