Објава на Фејсбук полна со теории на заговор со цел да го дискредитира СЕФ

Објавата ги шири добро познатите теории на заговор поврзани со Светскиот економски форум за кои Вистиномер и светските сервиси за проверка на фактите имаат пишувано во повеќе наврати. Не е точно дека СЕФ сака да ја забрани природната репродукција и дека планира некакви лаборатории за одгледување на деца во вештачки матки. Нема никакви светски влади и елити кои сакаат да ја сменат човечката ДНК за да креираат генетски исти луѓе кои ќе ги контролираат. Не постојат никакви планови за заклучување на луѓето и ограничување на нивното движење или за воведување исклучиво на инсекти во исхраната. Сето ова се паушални тврдења за кои не постојат никакви докази туку се плод на нечија бујна фантазија

Клаус Шваб, СЕФ Фото: Принтскрин Јутјуб видео

Вистиномер анализира објава на Фејсбук која вели:

14 земји го потпишаа договорот SEF за ставање крај на природното зачнување до 2030 година.

Четиринаесет земји, сите членки на Светскиот економски форум, штотуку потпишаа договор со кој се одредува кој ќе има право на репродукција до 2030 година, крајниот рок за трансформација на човештвото.

Според SEF, човештвото ќе биде подобро подготвено да се соочи со предизвиците на иднината ако родителството е строго контролирано и ако неродените деца се генски уредени

Депопулацијата и контролата се двата столба на нивниот план: помалку од нас, а останатите под нивен палец.

… Мрачна завера на Светскиот економски форум, ОН и пошироко – продолжуваат да ни вбризгуваат непроверена мРНК во вените, преправајќи ја нашата ДНК како некаков луд научен експеримент. Не, нивните барања се поголеми. Тие сакаат да ги фатат гените на нашите неродени деца за да си играат Бог со следната генерација. А омиленото оружје им се вештачките матки.

Замислете: деца создадени во стерилни лаборатории, израснати во бездушни машини, растргнати од природната врска помеѓу мајката и детето. Ова не е само теорија – тоа е франкенштајн кошмар кој веќе се подготвува, злосторство против човештвото преправено како напредок. Нема потреба од природна репродукција – само Петри чинија и упатства.

Глобалната елита во своите манифести призна дека имаат намера да нè лишат од се, да не принудат да јадеме инсекти, да живееме во затвори на отворено и да нè отепува со уреди за виртуелна реалност и фармацевтски производи. Во оваа иднина, светската држава ќе поседува сè…, стои меѓудругото во објавата.

Светски економски форум (World Economic Forum) е меѓународна непрофитна фондација, со седиште во Швајцарија. Секоја година, оваа организација го одржува познатиот самит во Давос. Оваа фондација и нејзиниот претседател Клаус Шваб, често се цел на теории на заговор, а таков е случајот и со објавата што ја анализираме.

Објавата изнесува неколку теории на заговор. Прво, тврди дека 14 земји членки на СЕФ  потпишале некаков договорот на фондацијата за ставање крај на природното зачнување до 2030 година.

Прво, земји членки на СЕФ нема. Со фондацијата управува Одбор составен од истакнати светски претставници од бизнисот, политиката, академскиот свет и граѓанското општество. Светскиот економски форум има 1.000 членки, а тоа се големите светски компании со годишен промет над пет милијарди долари. Значи, СЕФ не е некаква меѓународна организација во која членуваат држави и влади, па според тоа не може држави да се обврзуваат на некакви договори или документи излезени од СЕФ.

Второ, не е точно дека СЕФ сака да стави крај на природното зачнување до крајот на 2030 и дека се залага за тоа бебињата да се одгледуваат во лаборатории со вештачки матки. Оваа дезинформација светските сервиси за проверка на факти АП и Фулфакт ја дебанкирале уште во 2023 година. Информацијата ја има дебанкирано и Вистиномер.

Имено, оваа дезинформација потекнува од напис на сајтот Peoplesvoice, веб-страница со седиште во Лос Анџелес која е позната по објавувањето лажни вести.

Самата статија не нуди докази за тврдењето дека СЕФ дал таков предлог.

Наместо тоа, се тврди дека „СЕФ развива вештачки матки кои ќе можат да развијат фетус надвор од телото на мајката“ и се наведува линк до блог пост од 2017 година на веб-страницата на СЕФ, пишува АП.

Сепак, таа објава на блогот , во која АП и Вистиномер имаа увид, а која во меѓувреме е избришана, известувала за студијата на истражувачи од Филаделфија за одржување на предвреме родени јагниња со помош на уред што ги репродуцира условите на матката – нешто што потенцијално би можело да се користи за поддршка на предвремено родени новороденчиња, кои, инаку, се изложени на ризик од смрт. Истражувачите откриле дека би можеле да поддржуваат фетални јагниња во такви „био-кеси“ до четири недели.

Светскиот економски форум не го спровел тоа истражување, ниту се залагал за целосно развивање на сите бебиња на таков начин.

Светскиот економски форум никогаш не повика на крај на природното зачнување, ниту пак се залагал бебињата да се одгледуваат во лабораторија. Форумот, исто така, никогаш не финансирал такво истражување. Ова се лажни тврдења за да се дискредитира важната работа што ја врши Светскиот економски форум во врска со сериозните глобални предизвици , изјавил портпаролот на СЕФ, Јан Зопф, за Асошиејтед прес.

Зопф забележа дека блог-објавата од 2017 година за истражувањето, исто така, експлицитно наведува дека „ставовите изразени во оваа статија се ставови само на авторот, а не на Светскиот економски форум“.

Понатаму, објавата вели:

Мрачна завера на Светскиот економски форум, ОН и пошироко – продолжуваат да ни вбризгуваат непроверена мРНК во вените, преправајќи ја нашата ДНК како некаков луд научен експеримент.

Оваа теорија на заговор се зaсили особено за време на ковид-пандемијата кога почна вакцинацијата со мРНК вакцините. Тогаш се тврдеше дека со овие вакцини се менува човечката ДНК со цел некои светски елити да не контролираат.

Вистиномер досега многупати има пишувано дека мРНК вакцините не претставуваат генетска терапија, односно не влијаат врз човечката ДНК и не ја менуваат. Сето ова е поткрепено со факти и со докази.

Американската национална библиотека за медицина терминот „генетска терапија“ го дефинира како „техника која може да им дозволи на лекарите да третираат состојба со вметнување ген во клетките на пациентот, наместо да користат медикамент или операција“.

Генот се состои од ДНК и служи како базична физичка и функционална наследна единица. мРНК, пак, е различен од ДНК.

РНК значи рибонуклеидна киселина. ДНК е дезоксирибонуклеинска киселина и служи како библиотека за инструкции за производство на протеини. Кога клетката сака да продуцира протеин, ја користи ДНК за да продуцира копија од мРНК. ДНК се наоѓа во јадрото на клетките. Рибозомите не се. Поради тоа, мРНК од ковид вакцината нема да влезе во јадрото на клетката, туку едноставно ќе оди во рибозомите кои ќе го продуцираат спајк протеинот.

Значи, влезот на мРНК во човековите клетки не го менува ДНК на човековата клетка и доколку овие клетки се множат, тогаш мРНК нема да се инкорпорира во генетските информации на новите клетки.

Понатаму, генската терапија вклучува создавање намерни промени во ДНК на пациентот за да се излекува генетска состојба. мРНК од вакцината не влегува во нуклеусот на клетката и воопшто нема интеракција со ДНК, така што не претставува генетска терапија.

Со генетската модификација би се вршело намерно вметнување на туѓа ДНК во јадрото на човечката клетка, а тоа не се прави со вакцините. Вакцините функционираат така што го тренираат имунолошкиот систем да препознае еден патоген кога се обидува да го зарази телото – ова најчесто се прави со инјектирање на вирусни антигени или слаби живи вируси кои стимулираат имунолошки одговор преку производството на антитела.

Објавата го тврди и следното:

Глобалната елита во своите манифести призна дека имаат намера да нè лишат од се, да не принудат да јадеме инсекти, да живееме во затвори на отворено и да нè отепува со уреди за виртуелна реалност и фармацевтски производи. Во оваа иднина, светската држава ќе поседува сè.

Не постои никаква светска елита и светска држава тоа е само теорија на заговор. Вистиномер досега многу пати има пишувано за дезинформациите поврзани со тоа дека ЕУ ќе нѐ натера сите да јадеме инсекти место месо, односно, ако си за ЕУ мора да јадеш инсекти за да не умреш!

Одлуката на ЕУ во јануари 2023 година, да одобри некои производи добиени од инсекти за човечка исхрана, предизвика бран на дезинформации ширум Унијата. Во многу земји-членки се појавија лажни вести за инсекти скриени во храната или за инсекти кои се опасни за човечка исхрана. Повеќе за тоа прочитајте тука.

Теоријата на заговор дека некој ќе нè чува да живееме на затворено е поврзана со дезинформациите за 15-минутните градови за што Вистиномер исто така има пишувано досега.

Концептот на „15-минутните градови“ тој не претставува никакво заклучување или ограничување на движењето и потребите на граѓаните, како што теоретичарите на заговор сакаат да го прикажат. Оваа теорија на заговор особено се засили по пандемијата со ковид-19.

Постои идеја за „15-минутни градови“, но нејзината цел не се никакви климатски заклучувања, ниту пак, изградба на некакви логори, како што тврдат теоретичарите на заговор.

Објавата се однесува на концептот „15-минутни градови“ создаден од Карлос Морено, професор на Универзитетот Пантеон Сорбона, но сосема погрешно го толкува. Премисата е дека сите жители на еден град треба да можат да пристапат до сите основни услуги што им се потребни во рок од 15 минути пешачење или возење велосипед.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека објавата ги шири добро познатите теории на заговор поврзани со Светскиот економски форум а за кои Вистиномер и светските сервиси за проверка на фактите имаат пишувано во повеќе наврати. Не е точно дека СЕФ сака да ја забрани природната репродукција и дека планира некакви лаборатории за одгледување на деца во вештачки матки. Нема никакви светски влади и елити кои сакаат да ја сменат човечката ДНК за да креираат генетски исти луѓе кои ќе ги контролираат. Не постојат никакви планови за заклучување на луѓето и ограничување на нивното движење или за воведување исклучиво на инсекти во исхраната. Сето ова се паушални тврдења за кои не постојат никакви докази, туку се плод на нечија бујна фантазија.

Поради тоа, објавата која ја анализираме ја оценуваме како невистина.