fbpx

Објаснувањето на Груби за европското знаменце на законите за автопатите е контрадикторно

Како може да се тврди дека автопатиштата ќе поскапат со 150 милиони евра, ако нема пенали, како што повеќепати демантираа од страна на Владата и кога цената на изградбата не е утврдена во Договорот?

-

Не постои никаква логика европското знаменце да биде ставено затоа што ЕУ ги вброила коридорите 8 и 10 во геостратешки коридори. Впрочем и Делегацијата на ЕУ кажа дека не мисли така. Освен тоа, и самото наведување дека цената ќе била поевтина со измените е дискутабилно, зашто договорот нема превидено точна цена на изградба, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Појаснувајќи ги на прес-конференција новите предлог измени на 5 закони поврзани со изградбата на автопатите од страна на „Бехтел и Енка“, вицепремиерот Артан Груби даде изјава која во најмала рака е контрадикторна и недоследна:

Увидувајќи ја очигледната блокада и заложништво на законите од страна на опозицијата и имајќи ги предвид интересите на граѓаните за брза поевтина и квалитетна изградба на автопатиштата Владата на денешната седница усвои пет предлог-закони кои ќе ги достави до пратениците. Со оглед на фактот што Европската Унија го додаде на мапата на европските коридори и Коридорот 8 како и неговото геостратегиско значење заедно со Коридорот 10 и кракот 10-д и дека за овие закони веќе подолго време во нашата јавност се води дебата и во Собранието и во Владата и во медиумите одлучивме законите да се предложат со европско знаме. Ги замолуваме пратениците да се откажат од блокади и да не ги поскапуваат автопатиштата со над 150 милиони евра пари на граѓаните и да не ги загрозуваат националните и стратегиски проекти само заради дневна политичка агенда. Од пратениците зависи дали ќе се гради побрзо и поевтино или побавно и поскапо. Ние сите заедно во Владата сме за опцијата поевтино и побрзо“

[Извор: 360 Степени – Груби/прес; Датум – 05.05.2022]

 

Образложение:

Првиот заменик претседател на Владата на РСМ, Артан Груби, на прес-конференција во петокот (05.05) даваше образложение за измените на 5 закони поврзани со изградба на автопатите од Коридорите 8 и 10, што според склучен договор треба да ги гради конзорциумите „Бехтел и Енка“. Она што е контрадикторно е образложението зошто оваа втора тура измени што се предлагаат до Собранието ќе одат во процедура со т.н. европско знаменце, односно во многу забрзана постапка која предвидува расправа од само три дена во собраниските комисии, по што оди на пленарна седница.

Груби во образложението во име на Владата вели дека европското знаменце е ставено затоа што било факт дека:

 ЕУ го додала на мапата на европски коридори и Коридорот 8, како и неговото геостратегиско значење заедно со Коридорот 10 и кракот 10-д… и

Дека за овие закони во нашата јавност веќе подолго време се води дебата и во Собранието и во Владата….

Но, контрадикторноста и недоследноста произлегува токму од фактот што кога и во првата тура законски измени што опфаќаа 8 закони, а кои беа поднесени и усвоени во прва фаза од Собранието на 10 април, беше факт дека Коридорите 8 и 10 се ставени на листата европски коридори, па тогаш Владата не ги стави овие измени со европско знаменце, туку во редовна процедура. Впрочем, дека нема ништо поврзано со реформите во законска смисла кои би биле поврзани со македонската евроинтеграција, доволно јасно покажа канцеларијата на ЕУ делегацијата во Скопје уште истиот ден на 05.05.2023 г., наведувајќи ја и загриженоста за ваквата постапка:

Ние ја изразивме нашата загриженост до домашните власти и бараме дополнителни објаснувања. Како што веќе рековме во последователните извештаи на Европската комисија за Северна Македонија, употребата на брзи процедури треба да биде ограничена и да се применува само кога е оправдано да се користи за да се унапреди реформската агенда кон ЕУ. Тоа не треба да се користи за заобиколување на јавните консултации или за решавање на процедуралните тешкотии во Законодавниот дом – се наведува во реакцијата од ЕУ Делегацијата.

Очигледно е, дека причините за повлекување на дел од старата тура законски измени и доставување на нови пет со европско знаменце не лежат во некакви проевропските реформи на законодавството, туку во блокадата на истите законски измени од страна на опозицијата што веќе почна да се случува откако првично законските корекции тргнаа да се прават во редовна собраниска процедура.

Впрочем, и Груби тоа го потврдува кога вели дека,  „увидувајќи ја очигледната блокада и заложништво на законите од страна на опозицијата и имајќи ги предвид интересите на граѓаните за брза поевтина и квалитетна изградба на автопатиштата...и кога вели ги замолуваме пратениците да се откажат од блокади и да не ги поскапуваат автопатиштата со над 150 милиони евра пари на граѓаните и да не ги загрозуваат националните и стратегиски проекти само заради дневна политичка агенда.

Но и тука има недоследност. Како може да се тврди дека автопатиштата ќе поскапат со 150 милиони евра, ако нема пенали, како што повеќепати демантираа од страна на Владата и кога цената на изградбата не е утврдена во Договорот? А ова јасно беше посочено на истата прес-конференција од страна на министерот за финансии Фатмир Бесими, кој наместо 150, вели дополнителните давачки или задолжувања би биле 260 милиони евра!? (од 1,36 до 1,41 минута од видеото)

Имајќи ги предвид горенаведените аргументи, делови од изјавата на Груби околу новите законски измени предложени од Владата, а поврзани со изградбата на автопатите од страна на конзорциумот „Бехтел и Енка“, се контрадикторни и недоследни.

 

Извори:

 

Оценил: Теофил Блажевски

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Може да се раскине кој било договор, прашање е цената

Ванковска делумно точно оценила дека раскинувањето на договорите со Бугарија и Грција „е лесно“ и „малку потешко“. Но, нејзината проценка колку лесно или колку тешко се раскинуваат билатералните и...