Обединетото Кралство ќе инвестира 90 милијарди фунти до 2030 година во борбата против климатските промени

Владата на Обединетото Кралство во вторникот ја обелодени историската стратегија за нулта емисии на штетни гасови, која утврдува дека Обединетото Кралство ќе обезбеди 440.000 добро платени работни места и инвестиции од 90 милијарди фунти до 2030 година. Ова ќе биде нејзиниот придонес кон постигнувањето нулта емисии до 2050 година, а којшто е исполнет со мерки за транзиција кон зелена и одржлива иднина, информираат од Британската амбасада во Северна Македонија.

Обединетото Кралство е првата голема економија во светот што се обврза со закон да оствари нулта емисии до 2050 година и е домаќин на историскиот самит на Обединетите Нации за климата – COP 26.

„Сега кога сме на прагот на големиот климатски самит COP26, Стратегијата на Обединетото Кралство за нулта емисијата дава пример за другите земји за зелена реконструкција во битката која ја предводиме кон постигнување на нулта емисии“ е пораката на британската амбасадорка Рејчел Галовеј.

Стратегијата на Обединетото Кралство вклучува дополнителни 350 милиони фунти од  нивната заложба до 1 милијарда фунти за поддршка на електрификација на возилата во Обединетото Кралство и нивните ланци за снабдување и уште 620 милиони фунти за целни грантови и инфраструктура за електрични возила, особено локални улични пунктови за станбени населби, со планови за вклучување на илјадници автомобили и комбиња со нулта емисија на штетни гасови на патишта во Обединетото Кралство.

Обединетото Кралство работи и на отпочнување на комерцијализацијата на одржливото воздухопловно гориво (SAF) направено од одржливи материјали како што се секојдневниот отпад од домаќинствата, димните гасови од индустријата, издвоениот јаглерод од атмосферата и вишокот електрична енергија, кои произведуваат над 70 отсто помалку емисии на јаглерод од традиционалното авионско гориво врз основа на животниот циклус.

„Нашата амбиција е да овозможиме испорака на 10 отсто SAF до 2030 година и ќе ја поддржуваме индустријата во Обединетото Кралство со средства од 180 милиони фунти за поддршка на развојот на погони во Обединетото Кралство за SAF“, се наведува во соопштението на Британската амбасада.

Во функција на намалување на емисиите на штетни гасови во атмосферата е и планираната шема за поддршка на индустриските приходи и приходите од водород од 140 милиони фунти за забрзување на индустриското издвојување на јаглеродот и водородот, на тој начин премостувајќи го јазот помеѓу трошоците за индустриска енергија од гас и водород и помагајќи им на проектите за зелен водород да се развијат.

„Два кластери за издвојување на јаглерод – Хинет кластерот во северозападна Англија и Северен Велс и Кластерот на источниот брег во Теисајд и Хамбер – ќе ги стават нашите индустриски средишта во првите редови на оваа технологија во 2020-тите и ќе ги ревитализираат индустриите во Северното Море – поддржани од поддршката на Владата од 1 милијарда фунти“, појаснуваат од Амбасадата на Велика Британија.

Како уште еден придонес на Обединетото Кралство се и дополнителните 500 милиони фунти за иновативни проекти за развој на зелените технологии на иднината, со што вкупното финансирање за истражувања и иновации со нулта емисија ќе достигне најмалку 1,5 милијарди фунти.

Во Обединетото Кралство ќе се вложат и 3,9 милијарди фунти како ново финансирање за декарбонизација на греењето и зградите, вклучувајќи ја и новата тригодишна Шема за надградба на котлите од 450 милиони фунти, така што домовите и зградите ќе станат потопли, поевтини за загревање и почисти за работа.

Уште една значајна мерка е и поттикот од 124 милиони фунти за фондот „Природата за климата“, кој ќе помогне за обновување на околу 280.000 хектари тресет во Англија до 2050 година и тројно создавање на шуми во Англија, со цел да се исполнат обврските за создавање најмалку 30.000 хектари шума годишно во Обединетото Кралство до крајот на мандатот на овој парламент.

Воедно, Обединетото Кралство ќе одвои 120 милиони фунти за развој на нуклеарни проекти преку Фондот за иден нуклеарен развој. Ваквото финансирање може да го поддржи патот за декарбонизирање на електричната енергија во Обединетото Кралство петнаесет години претходно, односно од 2050 до 2035 година.

„Врз основа на Планот од 10 точки на премиерот, денешната стратегија за нулта емисии на Обединетото Кралство поставува сеопфатен економски план за тоа како британските бизниси и потрошувачи ќе бидат поддржани во транзицијата кон чиста енергија и зелена технологија-намалување на британската зависност од фосилни горива преку инвестирање во одржлива и чиста енергија во Обединетото Кралство, намалување на ризикот од високи и нестабилни цени во иднина и зајакнување на нашата енергетска безбедност“, се наведува во соопштението на Британската амбасада.

Покрај за стратегијата на Обединетото Кралство за постигнување на нулта емисија на штетни гасови, амбасадорката Рејчел Галовеј рече дека Обединетото Кралство ги поддржа институциите во Северна Македонија во развивањето на Националната стратегија за енергија и планот за нејзината имплементација, кој го одредува националниот пат за транзиција кон зелена енергија.

„Ќе продолжиме да работиме заедно кон одржлив развој и зголемена транзиција кон производство на зелена енергија“, вели амбасадорката Галовеј.