Обединетите Арапски Емирати ќе ја напуштат Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) на 1 мај, што претставува сериозен удар за организацијата која го координира производството меѓу најголемите светски производители на нафта, особено во Блискиот Исток, пренесува Си-Ен-Би-Си.

Изненадувачката одлука беше објавена во вторникот, откако Емиратите со недели беа цел на ракетни и дронски напади од страна на Иран, кој исто така е членка на ОПЕК. Нападите врз бродови во Ормутскиот теснец дополнително ја отежнале можноста на земјата да извезува нафта, што директно влијае врз нејзината економија.

ОАЕ речиси шест децении имаа значајна улога во носењето одлуки во рамки на ОПЕК. Во февруари годинава, тие беа трет најголем производител на нафта во организацијата, по Саудиска Арабија и Ирак. Земјата се приклучи на ОПЕК во 1967 година, седум години по нејзиното формирање.

Од Емиратите не дадоа прецизно објаснување зошто одлуката за напуштање ја донеле токму сега. Во соопштение од Министерството за енергетика се наведува дека по сеопфатна анализа на политиките и капацитетите за производство, било оценето дека ваквиот чекор е во национален интерес.

Оттаму додаваат дека ОАЕ остануваат посветени на стабилноста на пазарот и ќе продолжат да соработуваат со производителите и потрошувачите. Според нив, напуштањето на ОПЕК ќе им овозможи поголема флексибилност во прилагодувањето кон пазарните услови.

„Ја потврдуваме нашата благодарност за напорите на ОПЕК и на алијансата ОПЕК+ и им посакуваме успех“, се наведува во соопштението на Министерството за енергетика.