Обама од КОП 26 им порача на младите да продолжат да се борат против климатските промени

Барак Обама; Фото: Flickr профил на UNFCCC

Поранешниот американски претседател Барак Обама во своето обраќање на Конференцијата за климатски промени (КОП 26) ги повика младите да продолжат со својата борба против климатските промени, јавува Би-би-си.

Тој им порача на младите низ целиот свет дека треба да извршат политички притисок за да направат промена, но и додаде дека ќе мора да прифатат компромиси на тој пат.

Обама рече и дека светот е далеку од позицијата во која што треба да биде, како би се избегнала евентуална климатска катастрофа во иднина. Тој го критикуваше поранешниот претседател Доналд Трамп за своите политики во однос на климатските промени, но и актуелните лидери на Кина и Русија за неприсуството на КОП 26.

Барак Обама поголем дел од својот говор посвети на младите, при што тој нагласи дека младите се „во право што се фрустрирани“, но и дека тие „не можат да ја игнорираат политиката“.

„До сите млади луѓе – сакам да останете лути. Сакам да останете фрустрирани“, рече Обама, давајќи го примерот на неговите ќерки во однос на шопингувањето кои избираат одговорни бизниси коишто се залагаат за одржливост.

Сепак, еколошките активисти и по говорот на Обама дадоа критики дека зацртаните цели за климатските промени од поранешната американска администрација на Обама  не биле исполнети.

Младата климатска активистка Ванеса Накате на Твитер напиша дека она имала 13 години кога Барак Обама ветил 100 милијарди долари за финансирање на климатската акција за целиот свет, но тоа ветување не било исполнето. Таа побара акција за спречување на глобалното затоплување веднаш.