Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, вечерва во Белата куќа се сретна со претседателот во заминување, Барак Обама, на состанок кој траеше многу подолго од предвиденото, јавуваат светските агенции.

Трамп по состанокот изјави дека е почестен што се сретнал со претседателот Обама, за кого рече дека е многу добар човек и дека многу го почитува.

Во Овалната соба во Белата куќа, Трамп, кој во минатото не штедеше погрдни зборови на сметка на Обама и дури неколкупати во прашање го доведуваше неговиот легитимитет, изјави дека се радува на следните средби со Обама, со кого, како што истакна, никогаш претходно не се сретнал.

Претседателот Обама, пак, соопшти дека со Трамп разговарале на различни теми кои се однесуваат на внатрешната и на надворешната политика на САД, вклучително и за проблемите со кои земјата се соочува. Тој ја оцени средбата како одлична, додавајќи дека ќе направи сè за да му помогне на новоизбраниот претседател во подготовките за преземање на власта.

„Мојот број 1 приоритет ќе биде да направам сè да овозможам што полесна транзиција на администрацијата за избраниот претседател да биде успешен. Ако вие успеете, избран претседателе, успешна ќе биде и земјата“, рече Обама.

Обама, кој за време на предизборната кампања повеќепати ја доведе во прашање способноста на Трамп да биде претседател на САД, рече дека средба имале и актуелната и идната прва дама на САД, Мишел Обама и Меланија Трамп, која исто така поминала добро.

Вечерва, исто така, се сретнаа и потпретседателот на САД во заминување Џо Бајден и новоизбраниот потпретседател Мајк Пенс.

Белата куќа соопшти дека никој од персоналот на претседателот Обама не бил присутен на средбата меѓу актуелниот и новоизбраниот претседател, но дека состанокот воопшто не бил „чуден“, како што многумина очекувале.

Портпаролот на Белата куќа, Џош Ернест, изјави дека Обама и Трамп не ги разрешиле сите разлики на состанокот, но дека Обама излегол од состанокот со „обновено уверување дека Трамп ќе биде посветен на лесна транзиција на власта“.

Ернест рече дека не ја исклучува можноста од нови средби меѓу Обама и Трамп.

Инаугурацијата и положувањето заклетва на Трамп како 45. претседател на САД ќе се одржи на 20 јануари следната година.