Постојниот магистрален пат Крива Паланка – Деве Баир ќе биде целосно реконструиран и проширен со трета коловозна лента. На веб – страницата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) е објавен тендерот за изведба на 13 – те километри од оваа траса, која претставува главна патна врска меѓу Северна Македонија и Бугарија. Со проширувањето на патниот правец и неговата реконструкција се очекува да се зголеми брзината на движење на возилата.

Реализацијата на договорот на терен се очекува да отпочне на почетокот од август годинава, а целокупниот зафат да се заврши во рок од 24 месеци. Меѓу Крива Паланка и граничниот премин Деве Баир ќе се градат 4 нови моста за да се овозможи проширување на патот со дополнителна трета коловозна лента, додека на претходно проширената траса ќе се постави нов асфалт. За изведба на овој сегмент од паневропскиот Коридор 8, македонската влада во септември минатата година позајми 10 милиони евра од ЕБОР.

Проширената делница од овој патен правец ќе се надоврзе на идниот експресен пат Ранковце – Крива Паланка, кој веќе интензивно се гради во изминативе 10 месеци. Делницата долга 23 километри, со 2 коловозни и 2 помошни ленти, ќе овозможи побрзо патување меѓу двете соседни земји. Дополнително, со одобрените средства од ИПА 2 програмата на ЕУ во 2018 година, владата преку Јавното претпријатие за државни патишта ќе ја реконструира и делницата од овој пат меѓу Куманово и Ранковце.

Покрај намалувањето на времето на патување меѓу Скопје и Софија, истовремената реализација на различни сегменти од источниот крак на Коридорот 8 во иднина ќе доведе и до зголемување на безбедноста во сообраќајот на овој патен правец. Главниот пат што ги поврзува двете соседни земји е изграден во периодот на поранешна Југославија и до денешен ден не е реконструиран, ниту пак е соодветно проширен.