Резултатите од државната матура денеска се објавени, а просечните оценки година се со благ пораст во однос на минатата година, рече министерот за образование, Арбер Адеми на денешната прес конференција.

– Резултатите се добри и покажуваат напредок во однос од минатите години. Просечната оценка годинава е 3,47. За неколку предмети има подобрување на просечната оценка, а кај помал дел од предметите е забележано намалување – истакна Адеми.

Тој појасни дека средните оценки во групата мајчин јазик, односно македонски јазик, албански јазик и турски јазик, се подобриле во однос на минатата година за македонскиот и албански јазик, а кај турскиот јазик има влошување. Просечната оценка за македонски јазик е 3,69, за албански јазик е 3,85, а што се однесува до турскиот јазик, таа изнесува 3,73, а минатата година била 4,18.

Просечната оценка по математика е 3,65 и е најдобра во изминатите три години.

Англиски јазик како странски јазик е најмногу избиран од учениците за изборен предмет, па него го полагале 14.104 ученици, а средната оценка по овој странски јазик годинава изнесува 3,07 и бележи благ пораст од минатата година.

Државна матура полагале 15.553 ученици, од кои 7.692 ученици од гимназииските паралелки, 7.604 од стручно образование и 257 ученици од средно уметничко образование.

Оние што не положиле ќе може да полагаат во август, но ако и тогаш не положат, следна шанса ќе имаат дури наредната година.

Приговори за резултатите може да се доставуваат утре и в понеделник и вторник.