Објавен тендерот за изградба на првата фаза од автопатот Скопје – Блаце

Станува збор за првата подделница од граничниот премин „Блаце“ до селото Блаце, во должина од 2 километри. Краен рок за доставување на понудите од градежните компании е 4 септември, по што ќе се бира најповолен изведувач. Доколку успешно се спроведе тендерската постапка, градежните работи на терен би можеле да започнат до крајот на годинава

-

Јавното претпријатие за државни патишта денеска го објави тендерот за изградба на првата фаза од автопатот Скопје – Блаце. Станува збор за првата подделница, од граничниот премин „Блаце“ до селото Блаце, во должина од 2 километри. Краен рок за доставување на понудите од градежните компании е 4 септември, по што ќе се бира најповолен изведувач. Доколку успешно се спроведе тендерската постапка, градежните работи на терен би можеле да започнат до крајот на годинава. Рокот за изградба е 18 месеци.

Во меѓувреме, Градежниот институт Македонија е избран од ЈП за државни патишта за да го врши надзорот над изградбата на првите 2 километри од автопатот Скопје – Блаце, се наведува во договорот објавен на Електронскиот систем за јавни набавки. Надзорот над градежните работи за овој проект ќе чини над 24,7 милиони денари. Првата фаза од изградбата на автопатот Скопје – Блаце ќе се финансира од сопствени средства на ЈП за државни патишта.

По повод објавувањето на тендерот, прес – конференција на оваа тема денеска одржаа вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов.

– Идниот автопат ќе биде изграден според европски стандарди, со две ленти за возење и една лента за принудно застанување во еден правец, широчината на лентите за возење е по 3,5 метри, односно целосната широчина во еден правец изнесува 10,25 метри – изјави директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов.

Покрај за реализацијата на првата фаза, вицепремиерот Османи информираше дека американска компанија веќе работи на проектирањето на преостанатите 10,5 километри од автопатот Скопје – Блаце. Преку Инвестицискиот фонд за Западен Балкан за проектирањето биле обезбедени еден милион евра.

– Аплициравме до истата инвестициска рамка за Западен Балкан од каде обезбедивме околу 28 милиони евра и до ЕБРД за кредитна линија да се заокружи целата финансиска конструкција – изјави вицепремиерот Османи.

За довршување на втората фаза од автопатот Скопје – Блаце е одлучено да се издвојат дополнителни средства од ИПА фондовите од околу 8 милиони евра.

Автопатот Скопје – Блаце ќе биде долг 12,5 километри, со четири тунели и осум мостови на целата траса од граничниот премин „Блаце“ до клучката „Стенковец“ на скопската обиколница.

Двете фази од изградбата на целокупната траса ќе чинат околу 110 милиони евра. Автопатот ќе биде пуштен во употреба во 2023 година.

Путин му честиташе на Трамп за победата на изборите, го нарече „храбар“

Рускиот претседател Владимир Путин му ја честиташе победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД. За време на широко обраќање на настан во градот Сочи, Путин го нарече...