Меѓународен тендер за избор на технологија за отстранување на линданот и неговите изомери од кругот на фабриката ОХИС во Скопје е објавен вчера и се очекува да биде отворен до 11 ноември, информираат од Македонското еколошко друштво (МЕД).
Тендерот е објавен на официјалната веб-страна на УНИДО на следниот линк.
Од МЕД наведуваат дека проектната Канцеларија за неразградливи органски загадувачи (POPs) во изминатиот период ја комплетирала документацијата за објавување повик за меѓународен тендер од страна на Организацијата на ОН за индустриски развој (УНИДО), агенцијата одговорна за спроведување на проектот „Отстранување на техничките и економските бариери за започнување на ремедијацијата на локациите контаминирани со α-HCH, β-HCH и линдан во ОХИС“, со цел да се избере најдобро решение/технологија за деконтаминација на малата депонија со HCH отпад сместена во кругот на поранешната фабрика ОХИС во Скопје.
Од Канцеларијата за перзистентни органски загадувачи при Министерството за животна средина и просторно планирање појаснуваат дека по пристигнувањето на понудите, ќе биде формирана комисија од страна на УНИДО, составена од меѓународни и национални експерти, која ќе ја избере најдобрата понуда, а по што ќе следат активности за започнување со работа на терен, односно обезбедување потребна документација, обезбедување на просторот и превентивни мерки за заштита на околината и конечно започнување со чистењето.
Македонското еколошко друштво (МЕД) е носител на активностите за подигнување на јавната свест за влијанието на линданот врз човековото здравје и состојбата на животната средина и процесот за неговото отстранување од ОХИС и правилно справување.
По изборот на фирма понудувач од страна на меѓународната изборна комисија, од МЕД посочуваат дека ќе продолжат со активностите за информирање на јавноста и локалното население, за начинот на отстранување на HCH отпадот од малата депонија во дворот на поранешната фабрика ОХИС преку организирање на повеќе јавни настани.