fbpx

„О2“: Од Макрадули чекаме точни анализи и статистики, а не брза пропаганда

-

Каква е оваа статистика, кога од неа се исклучени станиците кои покажуваат историски највисоки вредности, најголема загаденост со ПМ10, Лисиче и Гази Баба?, го прашуваат екологистите од Иницијативата „О2“ заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули.

Тој завчера излезе во јавност со делумни податоци од мерните станици во државата, кои покажуваат тренд на намалување на загадувањето на воздухот во некои делови од државата, посебно во градовите Скопје, Тетово и Битола.

Според соопштението на „О2“ недозволиво е врз основа на нецелосни и селективни податоци – на пример, од само една мерна станица во Скопје (онаа во Карпош), или „Битола 2“ или од станици за кои нема податоци за сите денови – да се тврди дека во 2018 година постои намалување на бројот на денови на загаденост во однос на 2017 и 2016 година.

„„Лисиче“ е исклучена од октомври, „Гази Баба“ од август, што е крајно неприфатливо, особено што предизборно беше ставено како приоритет. Голем број од другите мерни станици кои се земени за споредба имаат големи „дупки“ во податоците. Не ни е јасно како „Лисиче“ не се земало за споредба, но „Велес 2“ да?“, велат од Иницијативата.

Од „О2“ го потсетуваат заменик-министерот и дека за „Велес 2“ нема податоци од јули, а исто така немало податоци и за најголемиот дел од јануари, но и во други месеци од изминатава година. Исто така, посочуваат екологистите,  од „Битола 2“ годинава два месеца немало податоци, исто како и минатата година. Мерната станица „Битола 1“ во 2016 година речиси цели три месеци не давала податоци, а годинава тоа било случај речиси еден месец.

„Годишна статистика и споредување на податоци не е можно кога има толкави ,дупки’ во мерењата. Не може да правите споредба за три години, потполно да ги игнорирате овие фактори и да излезете во јавност со изјава дека споредбено со претходните две години, во 2018 година постои намалување на бројот на загадени денови“, велат екологистите.

Макрадули рече дека постои сериозно намалување на бројот на загадени денови во Тетово, каде во 2016 година имало 273 загадени денови, во 2017 година – 115, додека во 2018 тој број паднал на 105. Исто така, Макрадули рече дека во Битола минатата година имало 105 загадени денови споредбено со 65 денови годинава на првата мерна станица, или 99 загадени денови лани наспроти 70 годинава на локацијата на втората мерна станица.

Заменик-министерот тврдеше и дека просекот од сите мерни станици на национално ниво покажува благ пад, од 99 загадени денови во 2016 и 2017 на 86 загадени денови во 2018 година, во периодот 1 јануари – 30 ноември. Според Макрадули, тоа е доказ дека напорите на Владата, но и на сите други институции, за намалување на аерозагадувањето веќе даваат резултати.

Потегот на Макрадули од О2 Иницијативата го оценуваат како „крајно манипулативно и непрофесионално, од Министерство од кое се очекуваат издржани и точни анализи и статистики, а не брза пропаганда“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК: Jавен увид и промени во избирачкиот список може да се прават до вечерва на полноќ

Апелираме до граѓаните дека јавниот увид во Избирачкиот список како и промена, запишување и бришење на податоци ќе може да се направи уште денес, 18 март, до 24 часот, соопшти...