fbpx

О2 контра Шилегов: Што е Скопје – измачен град или зелена престолнина?

-

О2 Иницијативата го критикуваше за скопскиот градочалник Петре Шилегов дека го криел од јавноста исходот на кандидатурата на Скопје за зелена престолнина на Европа иако резултатите биле познати уште во април годинава.

Наместо да застанат пред граѓаните и да кажат: Да, ја добивме пораката од Европската Комисија, разбираме дека е тоа долготраен и сериозен процес, дека имаме уште многу за работа и уште повеќе за имплементирање, но ете, ќе ја искористиме добрата практика на трите градови кои минуваат во вториот круг, и ќе се обидеме да ја имплементираме… Но не, исклучувањето на Скопје од трката, длабоко го допира егото и затоа оваа информација е сокриена од јавност, со надеж дека ќе ја заборавиме дека кога било воопшто била пласирана? (Иницијатива О2, Фејсбук).

Град Скопје минатата година поднесе официјална кандидатура за признанието Европска зелена престолнина за 2021 година кое го доделува Европската комисија, заедно со уште 21 град, меѓу кои и Будимпешта (Унгарија), Калјари (Италија), Дижон (Франција), Лахти (Финска), Лил (Франција), Стразбур (Франција), Тирана (Албанија) и Вестерос (Шведска). Скопје влезе меѓу осумте града на кои им беше прифатена кандидатурата, но титулата „Зелен град на Европа“ за 2021 година ја доби финскиот град Лахти.

Од О2 потсетуваат дека реалноста со животната средина во Скопје е сосема поинаква од она како би требало да изгледа еден град кој се кандидирал за престижната титула која досега, од 2010 година, кога е востановена како своевиден натпревар помеѓу градовите и нивните „зелени политики“ на европско ниво ја добиле градови како Стокхолм, Копенхаген или Љубљана.

„Гледајќи си го сопствениот измачен град, со заробени дрвја, исушено и запустено зеленило, запалени шуми, депонии што константно тлеат, ѓубришта на сите страни, црни облаци од чадојна од сештото што се пали, опасен отпад, кабли за вадење бакар, акумулатори и Бог знае што не, река со сменета боја, токсични почви, би си се примиле ли ние самите во такво убаво, зелено друштво“, прашуваат од О2.

На прашањето на „Мета.мк“ дали Градот и тој лично како градоначалник направиле доволно за да се оправда кандидатурата на Скопје за Зелена престолнина на Европа, скопскиот градоначалник, Петре Шилегов, одговори:

Јас сум среќен што Скопје влезе меѓу осумте градови што е сериозен успех и е показател дека градот е на добар пат. За жал, поради сериозните грешки во стратегијата на развојот на градов во изминативе неколку децении, Скопје не можеше да отиде и чекор понатаму. Со стратегиите на градот за сообраќајот за изградбата на инфраструктурата, за затоплувањето, на урбаната мобилност, ќе имаме сериозно подобрување на среден рок.

Што се однесува до критиките на јавноста дека Градот недоволно се грижи за постојното градско зеленило, а дека проектите како пешачката зона во центарот на Скопје ќе значат и негово понатамошно уништување, скопскиот градоначалник појаснува дека кога се зборува за зелен град постои погрешна перцепција дека станува збор исклучиво за зеленило.

– Некако се сака парцијално да се слушаат работите. Ако се земе ова предвид заедно со останатото што го правиме – мостовите што се цртаат, тунелите што ќе ги градиме, транспортот, греењето, урбаната мобилност, преку 14 км. нови велосипедски патеки имавме само минатата година, ослободуваме нови јавни простори за граѓаните, концептот за пешачка зона во центарот на градот што ја најавив, сè се тоа стратегии и политики на градот што Скопје го внесоа меѓу осумте главни кандидати за Зелена престолнина на Европа – вели Шилегов.

Според Шилегов, проблематични се 13 дрвја карши Министерството за финансии каде што, откако Градот ќе ја откупи зградата, на аголот ќе биде направен парк, а тој дрворед којшто ќе треба да биде отстранет, ќе биде заменет на лице место со дрвја високи 14 метри.

– Ова значи дека не само дека ќе имаме компензација за дрвјата кои ќе треба да се отстранат туку ќе имаме и зголемување на зеленилото во Малиот Ринг – вели Шилегов и додава дека овие податоци треба почесто да ги повторува и дека е свесен сум дека нецелосната информираност може да вроди со незадоволство.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ангеловска-Бежоска: Земјите од Западен Балкан годишно губат 18 отсто од БДП поради родовиот јаз на пазарот на труд

Последователните економски шокови изминатите години дополнително го отежнуваат намалувањето на родовата нееднаквост, поради нивното понеповолно влијание врз женската популација. Кај повеќето земји од регионот на Западен Балкан стапката на...