О2 Иницијатива бара повеќе инспекции и казни за загадување на воздухот, но и одговорност за Планот за чист воздух

Фото: Ralf Vetterle на Pixabay

Итно да се засилат инспекторските и полициските контроли на терен, особено на познатите локации каде што се создаваат и палат диви депонии, но тие и да резултираат и со построги санкции, бараат од О2 Иницијативата. Тие викендот објавија фотографии и видеа од пожар во Визбегово, каде јасно се гледа дека црниот чад стигнува и до централните населби во Скопје. Аерозагадувањето, а особено потфрлањето со имплементацијата на Планот за чист воздух ќе се најдат и на надзорна расправа во Собранието, која се очекува да се закаже на иницијатива на интерпартиската парламентарна група, формирана на иницијатива на граѓанските активисти.

Депонија во Визбегово, фото: О2 Иницијатива

Најитните мерки кои би можеле да донесат некакво подобрување во оваа сезона, според Невена Георгиевска од О2 Иницијатива, се засилување на контролите на локациите каде што има депонии, но и да се следат и емисиите од оџаците на приватните објекти, домаќинствата и од индустријата. Екологистите се незадоволни што и оваа сезона започна со вртоглави бројки на загаденост со ПМ 10 и ПМ 2,5 честички, а речиси и да нема казни за прекршителите, палачите на диви депонии остануваат непознати, а огромен дел од домаќинствата и натаму се греат на дрва и покрај акциите за субвенционирање на инвертер климите.

Загадувањето во Скопје, според податоците од мерните станици на Министерството за животна средина, е над максимално дозволените вредности од 50 микрограми на кубен метар во текот на целиот ден. Највисоки концентрации во последните седум дена се регистрирани во мерната станица во Лисиче, 182 микрограми, во Карпош 134 и во Центар 133 микрограми. Загадено е и во другите градови, во Гостивар и Кавадарци се измерени по 141 микрограми, во Куманово 140 микрограми, во Тетово 138, а во Кичево 125.

„Инспекторите и полицијата мора почесто да се на терен и да изрекуваат санкции. Дивите депонии се голем проблем, но повеќето се создаваат одново и одново на истото место. Тоа на некој начин и им олеснува, бидејќи полесно можат да ги контролираат. Можат да постават и камери, да се снимат и казнат сторителите. Одамна позната е и депонијата во Визбегово, која ја снимивме викендот. Но, исто така снимивме и депонија што гореше до куќи во населено место. Кога веќе отпад гори во населено место, тоа мора да се казнува. Снимките се испратени во Инспекторатот, сега инспекторите, но и полицијата се на потег“, вели Георгиевска.

фото: О2 Иницијатива

Посочува дека многу граѓани не ги пријавуваат несовесните соседи кои палат огнови на отворено бидејќи се плашат токму од колебливоста на полицијата и инспекцијата и заради тоа почесто снимките ги испраќаат до екологистите за тие да пријават.

Проблемот што и оваа сезона ќе се соочиме со отровен воздух, вели Георгиева, е во неспроведувањето на Планот за чист воздух и двете Програми за намалување на аерозагадувањето, но и фактот дека никој не сноси одговорност за тоа. Таа најави дека иницијативата планира, заедно со интерпартиската парламентарна група да организира надзорна расправа на која институциите ќе треба да одговорат кои обврски од планот се исполнети, а кои не и зошто.