Потребно е во Скопје да се направат испитувања и за загадувањето на амбиентниот воздух од индустриските капацитети, а не само на загадувањето кое доаѓа од загревањето на домаќинствата и од сообраќајот, велат од иницијативата „О2“ во врска со аерозагадувањето.

Во програмата за 2019 година на Град Скопје за активности од доменот на заштитата на животната средина се издвоени 5 милиони денари за продолжување на две испитувања кои веќе неколку години се спроведуваат во Скопје, а имаат за цел да утврдат колкаво е загадувањето на воздухот од греењето на домаќинствата, а колкаво од возилата, но не е предвидено да се истражи во колкава мерка за загадувањето придонесува индустријата.

– До сега неколку пати се споменува дека најмалку е испитано загадувањето кое потекнува од индустриските капацитети и поради тоа сметаме дека е потребно да се прошират испитувањата и на индустриските емисии – вели Невена Георгиевска од „О2“. Таа смета и дека се потребни измени на постојните закони со цел засилување на контролата на емисии од индустријата.

„О2“ во повеќе наврати јавно ги повикуваше надлежното Министерство за животна средина и Градот да се испитаат енормните зголемувања на аерозагадувањето во ноќните часови во Скопје, кога е намалено греењето на домаќинствата и кога е слаба фреквенцијата на сообраќајот, како и на случаите на аерозагадување во летните месеци, кога не се горат дрва за греење.