fbpx

НВО-секторот се спротиставува на изградбата на експресниот пат Охрид – Пештани

-

Во функција на изградбата на експресниот пат Охрид – Пештани, Европската банка за обнова и развој, како финансиер на предложениот проект, во Охрид организираше серија консултативни состаноци со невладиниот сектор и со локалната власт.

НВО-секторот, со исклучок на Туристичката асоцијација, се спротиставува на изградбата на новата сообраќајница, тврдејќи дека иднината на Охрид е зелената алтернатива, а не нејзиното уништување. За нив, овој проект значи уништување на паркот Галичица, што, всушност, е уништување на планината и, индиректно, на езерото. „Охрид СОС“, го нагласија непобитниот факт дека Охрид е туристичка атракција токму поради својата природа. За нив, да се збрише природата на Охрид, ќе значи Охрид да се избрише од светската карта на туристички дестинации.

– Македонија е земја-кандидат за влез во ЕУ и, како таква, треба да ја почитува и да се залага за стратегијата на ЕУ – паметен, одржлив и инклузивен пораст. Иднината на Охрид е алтернативниот туризам – активности кои ќе привлекуваат туристи во текот на целата година, не само во една сезона – додаваат од „Охрид СОС“.

Присутните граѓански организации остро се спротиставија на имплементацијата на предлог-проектот поради повеќе причини. Пред сè, незаконска и неприфатлива е промената во зоните на заштита во Националниот парк Галичица. Планскиот документ не е во согласност со целите на Планот за управување (ПУ) со паркот. Доколку се реализира овој проект, ќе се уништи заедницата на македонскиот даб, дефинирана во Директивата за хабитати како приоритетно живеалиште, која според предлог-проектот се наоѓа кај јазолот Трпејца, велат од граѓанските асоцијации.

Покрај гаѓанската иницијатива „Охрид СОС“, на состанокот беа присутни и претставници од Хидробиолошкиот завод во Охрид, Здружение за заштита на животните и на животната средина „Еден“, Здружение за заштита на животната средина „Грашница“, Туристички кластер „Еден“, Црвен крст – Охрид, Асоцијација на жени „Бисера“, Асоцијација на еколошки фармери „Гица инкубатор“ и Туристичка асоцијација.

Единствената граѓанска организација што го поддржа предлог-проектот, Туристичка асоцијација, во него гледа одлична придобивка за Охрид и за неговиот туризам, така што ќе помогне во оживување на неговата замрена економија.
Состанокот го водеа локални претставници од ЕБОР, како и виш службеник од одделот за животна средина и одржливост, од седиштето на ЕБОР во Лондон. Предлог-проектот го презентираше изработувачот, Јавното претпријатие за државни патишта.

Претставниците од ЕБОР на крајот го нагласија фактот дека во фаза е ревидирање на Студијата за одржлив развој за НП Галичица, по што ќе следат студии за процена на биодиверзитетот и за мапирање на хабитатите долж трасата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Украинците не си ја продале православната вера, таа е доминантна во Украина

Високи 72 отсто од Украинците се декларираат како православни христијани од кои 54 отсто се приврзаници на автокефалната православна црква на Украина, 14 отсто се идентификувале како православни христијани...