„Сахара груп“ е, всушност, една голема измама, стои во анализа за пропаѓањето на инвестицијата на Субрата Рој во Охрид и во Македонија, подготвена од НВО Инфоцентар од Скопје, во рамките на програмата за постојано надгледување на медиумите.

Доаѓањето на „Сахара груп“ во Република Македонија се најавуваше спектакуларно и се поддржуваше безрезервно, како една од најголемите и најзначајните инвестиции во земјава. Со други зборови, граѓаните, преку информирањето, не само што не добија квалитетна, непристрасна и веродостојна информација за тоа кој е Субрата Рој, туку беа изманипулирани преку некритичките сензационалистички информации за наводните огромни суми, кои ќе влезат во економијата на државата, како и со континуираното игнорирање на тврдењата и на предупредувањата на опозицијата и на експертите дека „Сахара груп“ е, всушност, една голема измама, стои во извештајот на НВО Инфоцентар.

Како што е познато, Владата најавуваше дека контроверзниот индиски бизнисмен, Субрата Рој, кој сега е во затвор поради голема измама, во Охрид ќе гради луксузен хотелски комплекс со казина и со аеродром на вода, додека во Штипско ќе подигне краварска фарма.