Вкупно 80 нуркачи од Македонија, Хрватска, Србија и Босна и Херцеговина викендов ги чистеа водите на Охридското Езеро, во големата еколошка акција за чистење на подводниот свет, што ја организира нуркачкиот центар „Амфора“.

Фото: Нуркачки клуб Амфора

Во текот на акцијата, со централна локација во автокампот Градиште, беше отстрането големо количество отпад од дното на езерото, во најголем дел пластика, лименки, но и автомобилски гуми и друг отпад.

„Во акцијата учествуваа вкупно 80 нуркачи од осум клубови во земјава и по еден клуб од земјите од регионот, обединети со заедничка цел, заштита на едно од најстарите и највредните природни богатства во Европа, со што уште еднаш се испрати силна порака за значењето на еколошката свест, заштитата на природата и регионалната соработка“, информираат организаторите.