Екстремно високиот број смртни случаи од ковид-19 во текот на последните 24 часа во Тетово ги вознемири граѓаните на Полог, откако Министерството за здравство информираше за 11 смртни случаи во последните 24 часа само во тој град.

Координаторот на ковид-центарот во Тетово, Гзим Нуредини за Порталб.мк информира дека станува збор за грешка во софтверот, бидејќи починатите не се регистрирани од 15 јануари, односно, според него, бројките се за 10 дена.

„Се работи за грешка во софтверот според која не се евидентирани смртните случаи од 15 јануари до вчера. Вчера починаа 3 лица, а не 11“, рече Нуредини.

Досега, вкупниот број на заразени достигна 91.161, излечени се 79.621, бројот на починати е 2.812, додека активни случаи 8.728.