fbpx

Нуредини: Тендерот за отстранување на линданот e успешен, чистењето започнува во 2020 година

-

Поставување на филтер на системот за греење во Гинекологија Чаир кој нема да загадува, како и на болницата во Куманово веќе од почетокот на наредната година најави, меѓу другото на денешната новогодишна средба со новинарите министерот за животна средина Насер Нуредини. Тој го поздрави протестот на младите кои бараат чист воздух  и рече дека ги поддржува нивните барања да се работи на елиминирање на причините за аерозагадувањето.

Министерот исто така најави измени и на Законот за животна средина за воведување на статус на контаминирано подрачје. Тој патем информираше и дека е успешно завршен меѓународниот тендер за чистење на линданот на Организацијата на ОН за индустриски развој (УНИДО) кои требаат да информираат за исходот на процесот, дека на почетокот на следната година се очекува да се дознае кој го добил и очекува конечно да започне постапката за чистење на малата депонија со отровниот линдан во кругот на ОХИС. За чистењето на останатите хемикалии кои се наоѓаат во кругот беше речено дека е во тек постапката за добивање на дозволи од сите земји преку кои ќе се транзитира за транспорт на хемикалиите до Швајцарија.

Министерот се пофали со дебела папка на предлог закони произлезени од неговото министерство кои влегуваат во владина процедура и имаат за цел подобро да ги уредат повеќе проблематични области во секторот животна средина. Тој го најави новиот Закон за управување со отпадот и 5 закони од областа на посебните текови на отпадот – за проширена одговорност на производителот за управување со посебните текови на отпад,  за пакување отпад,  за батерии и акумулатори, закон за електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема и за дополнителните текови на отпад во системот на одговорност на производителите.

„Со новите предложени законски текстови се врши усогласување со ЕУ законодавството и се обезбедува имплементација на принципите на циркуларната економија во нашата земја, односно се фокусира на превенција на отпадот, а истовремено се нудат решенија за надминување на предизвиците со кои се соочуваме со претходниот систем за регионално управување со отпадот и постигнувањето на нашите национални цели за преработка на отпадот“, истакна Нуредини. Патем, министерот најави скорешно почнување на изградбата на регионалниот систем за управување со отпад кој вклучува и регионална депонија во североисточниот плански регион.

Се изготвува и нов предлог закон за природа кој треба целосно да го усогласи со ЕУ законодавството за начинот на определуваање на подрачјата од европската мрежа на заштитени подрачја Натура 2000, како и нацрт-законот за индустриски емисии со што се врши транспозиција на ЕУ директивата за индустриски емисии.

Нуредини, кој на оваа функција е нецели шест месеци, рече дека се обидуваат да ги усогласат потребите за зачувување на заштитените подрачја со неиздавање на концесии на нови мали хидроцентрали, но тврди дека е невозможно да се интервенира кај оние кои се веќе издадени без тоа драстично да влијае на угледот на земјата кај странските инвеститори, посебно после случајот со рудникот Иловица и најавената тужба на компанијата „Еуромакс Рисорсис“.

Тој, исто така не можеше да даде прецизен рок до кога ќе заврши процесот на прогласување на Шар планина за национален парк кој трае многу долго, но рече дека и самиот многу го посакува тоа.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Not a living soul“ – лингвистичка и политичка манипулација од руската кујна

Објава на Фејсбук шири невистина дека во англискиот јазик нема еквивалент за рускиот израз „ни души“, односно за нашиот „ни жива душа“, па Англичаните и Американците за тоа го...