Дали знаете дека сте министер за животна средина во земја која е најзагадена во Европа, го прашаа новинарите новиот министер за животна средина Насер Нуредини на првата средба со медиумите откако стапи на должност.

– Свесен сум дека проблемите се големи, но не планирам да измислувам нови методи туку да ги следам примерите на успешните – одговори Нуредини, наведувајќи ги како позитивни примери градовите како Љубљана, која за кусо време по воведувањето на селекцијата на отпадот и на рециклирањето постигнала извонредни резултати.

Министерот Нуредини информираше дека и самиот во текот на својата кариера работел на неколку проекти поврзани со третманот на отпад и неговиот пристап на овој проблем е дека нема само да седи и да чека помош во справувањето со отпадот туку дека активно ќе бара стручњаци и компании од странство кои ќе можат да понудат современи и применливи решенија.

– Не можам во моментов да кажам што од чекорите предвидени со Планот за чист воздух ќе ги туркам како приоритети, но од податоците со кои располагам покажуваат дека главен извор на загадување е загревањето на домовите – одговори Нуредини на прашањето што конкретно ќе преземе за реализација на Планот за чист воздух на Владата, во пресрет на грејната сезона.

Тој смета дека мора да се најдат алтернативи за сегашните методи за греење кои енормно загадуваат.

– Гасификацијата е само делумно решение, мораме да најдеме и други енергетски решенија кои ќе значат помало загадување на воздухот за време на грејната сезона – истакна министерот за животна средина.

На прашањето зошто доцни набавката на мерните инструменти за мерење на аерозагадувањето, што беше една од приоритетните мерки најавни од Владата, заменик-министерот Јани Макрадули одговори место Нуредини дека едниот повик за набавка на мерни инструменти е завршен, набавени се инструментите и треба да се инсталираат, информирајќи и дека вчера министерот го потпишал документот за новата мерна станица во Ѓорче Петров.

– Една мерна станица е префрлена и со остатокот од буџетот правиме реалокација на средствата за да се набават инструментите кои фалат во поедини мерни станици. Ќе се обидеме сите да ги оспособиме сите – беше одговорот на Макрадули на прашањето на „Мета“ колку мерни станици ќе се оспособат да го мерат загадувањето на почеток на грејната сезона, со оглед дека со месеци нема податоци за аерозагадувањето со ПМ10 честичките од станиците Тетово, Битола 2, Кавадарци, Кичево и Велес и дури цела една година не работат мерните станици во Гази Баба и Лисиче.

Според Планот за чист воздух, усвоен од страна на Владата на крајот на минатата година, како прва од петте приоритетни компоненти за справување со изворите на загадување беше утврдено дека ќе биде: „Мониторинг – комплетна замена на сите инструменти во 18 мониторинг станиците и примена на современи математички модели за моделирање и соодветно предвидување на аерозагадувањето“.