fbpx

Нуредини: Нема назад, Шар планина ќе стане национален парк

-

Дали со одлуката на Владата да го прифати предлогот на Министерството за животна средина за прогласување на Шар Планина за национален парк конечно заврши со децении долгиот нерешен статус на заштита на еден од најубавите предели во нашата земја? Со министерот за животна средина Насер Нуредини разговаравме по седницата на Владата за тоа кога Шара и официјално ќе стане предел под заштита на државата, какви се перспективите за живот на локалното население, ќе мораат ли да коегзистираат планинските убавини и малите хидроцентрали и кои предели во Македонија уште очекуваат заштитен статус.

Откако во јавноста беше поздравена како добро завршена работа, испадна дека процесот на прогласување на Шар Планина за национален парк сѐ уште не е завршен. Кога се очекува да биде и официјалното прогласување? Вашата најава дека повторно ќе се консултира локалното население наликува на завлечкување на целиот процес.

– Точно, процесот не е завршен, постои законска процедура која му претходи на конечното прогласување од страна на Владата, но она што е за нас од големо значење е дека Владата прифати дека Шар Планина поседува значајни природни вредности и дека има потреба од нејзина заштита и сега нема веќе назад. Сега следи спроведување дијалог со локалните жители, општините, економските ентитети и други инволвирани страни за да се најдат заеднички основи за тоа како за сите најдобро ќе функционира статусот на Шар Планина како национален парк, но јас сум оптимист дека, и покрај ситуацијата со Ковид-19, овој процес ќе се заврши успешно до крајот на септември.

Но, локалното население и општините веќе беа консултирани околу темата во текот на подготовките за прогласувањето на Шара за национален парк, зошто повторно? Има одредено разочарување во јавноста која отпрвин се израдува дека работата е готова.

– Тоа го бара законот, а се уште има и отворени прашања, но јас сум уверен дека тие ќе се разрешат бидејќи треба сите да разберат дека прогласувањето на Шар планина за национален парк не значи за нив рестрикции во нивното секојдневие туку ќе значи контролирани и планирани активности и користење на природните ресурси на одржлив начин.

Жителите на село Бродец на Шара неодамна не контактираа бидејќи им било најавено дека ќе почне изградба на мала хидроцентрала до нивното село, за која тие тврдат дека ќе им ја земе целата вода за наводнување. Во тој реон има вкупно 8 мали ХЕЦ. Како ваквите проекти, кои веќе направија доста штета на природните предели на Шара ќе се вклопат во идниот национален парк?

– Околу ваквите проекти кои добиле одобрение од претходните власти или кои не се наоѓаат во зоните каде е предвидена строга заштита нема многу што да се стори во овој момент. Но, треба да се напомене дека пред почетокот на градбата на овие мали хидроцентрали локалната самоуправа, во случајов тоа е Општина Тетово имала обврска да го консултира локалното население кое е засегнато со изградбата и претпоставувам дека тие тоа го направиле. Сакам да напоменам дека онаму каде се појавила колизија помеѓу интересите на локалните жители и на конкретните инвеститори ние сме седнале со нив тоа да го продискутираме. Еден таков случај веќе имавме и откако продискутиравме со инвеститорот, тој разбра дека е поголем бенефитот за сите ако се откаже од изградбата отколку да продолжи, но, генерално, во такви случаи треба да се седне и да се види, доколку веќе има отпочната градба, како да се намалат направените трошоци или како да се компензира.

Која би била, тогаш, Вашата порака до жителите на Бродец?

– Мојата порака до нив би била- Ве молам да ја контактирате вашата општина доколку постои проблем или не е запазена процедурата бидејќи таа треба да ги застапува вашите интереси, а ако општината процени дека има проблем, би требало да не контактира нас.

Освен прогласувањето на Осоговските планини за заштитено подрачје, дали Министерството работи на планот на прогласување на други области за заштитени, кои се тие, кој степен на заштита се предвидува, каква е разликата помеѓу статусот на национален парк и другите облици на заштита? Имаше граѓански иницијативи за прогласување на планината Јабланица за национален парк, а неодамна се појави и онлајн петиција со која се бара и Беласица да стане национален парк.

– Одлично е што јакне свеста дека е потребно да заштитиме што е можно повеќе од нашата држава. Конкретно за Јабланица нешто е веќе направено – прекрасните Вевчански извори се веќе прогласени за споменик на природата. Во овој момент постои студија за ревалоризација за планината Беласица, но таа треба да биде ревидирана бидејќи е застарена, додека пак за Јабланица потребно е локалната самоуправа – Општина Струга да покрене иницијатива и да изнајде средства за изработка на таква студија и за планината Јабланица. Штом тие покренат таква иницијатива, ние ќе ги поддржиме.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...